Нови детали од трагичниот живот на Елизабет Тејлор: Менаџерот ја терал да абортира, била зависна од седативи и дрога
- Детали
- среда, 23 ноември 2022
Елизабет Тејлор беше во брак осумпати, со седум различни мажи, а секој нареден брак само ѝ ја влошувал зависноста од алкохол, лекови и дрога. Актерката доживеала спонтан абортус кога едниот сопруг ја удрил во стомакот, а кога останала бремена од Френк Синатра, менаџерот ја присилил да оди во Мексико за да абортира – нова биографска книга открива тажни и вознемирувачки детали од бурниот живот на актерката.
Елизабет Тејлор до денес останува една од најпознатите холивудски актерки.
Таа ја почна актерската кариера уште во детството, во 1940-тите, и со текот на времето се претвори во една од најголемите холивудски ѕвезди.
Елизабет почина во 2011 година, на 79-годишна возраст, а низ годините се соочи со бројни проблеми и скандали.
Сега, во нова биографска книга која треба да биде издадена на почетокот од 2023 година, ќе имаме можност да дознаеме поинтимни детали од скандалозниот живот на актерката.
Иако книгата уште не е издадена, дел од нејзината содржина е достапна за јавноста, а и само овој мал дел открива дека животот на актерката бил навистина турбулентен.
Во книгата има изјави и од нејзините деца кои откриваат по малку вознемирувачки детали од животот на Елизабет.
Според синот Кристофер Вилдинг кој го доби од вториот сопруг, Елизабет била зависна од лекарства против болки кои дури си ги инјектирала сама.
Додека била во брак со шестиот сопруг, таа побарала од синот Кристофер да ѝ стави инјекција со лекот:
„Беше под дејство на наркотици. Седеше на крајот од креветот во долна облека и имаше шприц со Demerol (опијат кој предизвикува зависност) во десната рака“.
Тогаш актерката покажала кон нејзината нога и му рекла на синот да ѝ го инјектира лекот. Тој не можел, па таа сама „си го забодела шприцот во ногата“.
Додека траел бракот со шестиот сопруг, Елизабет била мизерна. Тој период почнала да претерува со храна и алкохол, поради што качила 20-тина килограми.
Сопругот, пак, воопшто не ѝ помагал. Напротив, честопати самиот ѝ полнел алкохол и ја оставал со часови да гледа телевизија.
Елизабет со шестиот сопруг
Ни претходните бракови на актерката не биле нешто подобри.
Иако петтиот сопруг – со кого се венчала двапати – бил лудо вљубен во неа, самиот имал многу проблеми со алкохол.
Елизабет со петтиот сопруг
Според авторот на книгата, парот водел екстравагантен живот – секогаш кога патувале, носеле по 25 куфери облека и скап накит. Притоа, користеле многу дрога и алкохол.
„Алкохолизмот стана третиот партнер во нивниот брак“, пишува авторот.
Елизабет со петтиот сопруг
Еден од синовите на актерката вели дека Елизабет уште тогаш „се труела“ со силни лекови против болка.
„Си легнуваше издрогирана, не можеше ни да оди“, вели тој.
Според книгата, во периодот 1983-1988, Елизабет добила над 1.000 лекарски рецепти за дури 28 разни лекови, вклучувајќи силни седативи, апчиња за спиење и лекови за болка кои ги комбинирала со виски, шампањ и вотка.
Поради ова, тројца од лекарите што ѝ ги препишувале лековите беа и тужени.
Покрај препишаните лекови, Елизабет редовно користела и марихуана и кокаин.
И првиот брак на актерката е исполнет со скандали.
Таа и првиот сопруг се венчаа кога Елизабет имаше само 18 години. Медениот месец го поминаа во Европа, но магичниот период завршил по само две недели.
Елизабет со првиот сопруг
Сопругот ја оставал Елизабет сама и одел да пие и да се коцка. По некое време станал и насилен – ја удрил актерката во стомакот и ѝ предизвикал спонтан абортус.
Бракот траеше само осум месеци.
Елизабет со првиот сопруг
Вториот сопруг на Елизабет беше 20 години постар од неа. Поради возрасната разлика, тој и актерката немале ништо заедничко, па тој период таа почнала афера со Френк Синатра и останала бремена од него.
Според книгата, Елизабет сакала да го роди детето, па дури и да се венча со Синатра, но нејзиниот менаџер ја присилил да оди во Мексико и да абортира.
Набрзо потоа таа се разведе и од вториот сопруг.
Елизабет и вториот сопруг
Третиот брак на актерката не заврши со развод, туку со трагедија која дополнително ѝ ја влошила состојбата.
Една година по свадбата, третиот сопруг на Елизабет загина во авионска несреќа. Тогаш Елизабет почнала да злоупотребува лекови за спиење – порок што ја следеше целиот живот.
Елизабет и третиот сопруг
Четвртиот брак, пак, ѝ донел финансиски проблеми на актерката. Четвртиот сопруг имал огромни долгови од коцкање, па Елизабет била присилена да го продава нејзиниот скап накит за да го извлече сопругот од лошата ситуација.
По пет години, таа реши да стави крај и на овој брак.
Елизабет и четвртиот сопруг
Елизабет Тејлор се прослави на 12-годишна возраст и подоцна отворено зборуваше дека Холивуд ги терал малите актерки да користат седативи и амфетамин.
Актерката се заколна дека нема да заврши како Џуди Гарланд – актерката од The Wizard of Oz – која имаше сериозни проблеми со зависност. Но, таа се претвори токму во неа.
Сепак, и покрај бурниот живот, Елизабет ќе остане запомнета по нејзината добротворна работа кога во САД изби епидемијата на СИДА.
Во 1980-тите, таа ја основа фондацијата amFAR за истражувања на болеста и потроши многу пари за оваа цел.
Всушност, Елизабет е првата популарна личност која ја искористила својата слава за да ја зголеми свесноста за СИДА.
Во март 2011 година, на актерката ѝ се појавија проблеми со срцето и почина шест недели подоцна.
Зад себе таа ја остави најскапата приватна колекција накит во светот, заедно со 72 перики.
Спирова С. | Црнобело