Пријателите сериозно загрижени за менталното здравје на Канје Вест: „Никогаш не му било полошо, ќе биде хоспитализиран“
- Детали
- понеделник, 10 октомври 2022
Откако повторно ја нападна Ким Кардашијан, изјави дека Хејли Бибер има „пластичен нос“ и дека сака да напаѓа евреи, се огласија пријателите на Канје Вест кои велат дека раперот има проблеми со менталното здравје, дека никогаш не бил во толку лоша состојба и кога-тогаш сигурно ќе биде хоспитализиран како во 2016 година.
Изминативе две-три недели, Канје Вест е главна тема на пишување во бројни светски медиуми поради неговото скандалозно однесување.
Покрај јавните напади кон Ким Кардашијан кои веќе станаа секојдневие, раперот навреди неколку познати личности и направи невкусна шега на сметка на дискриминација што ја трпат Афроамериканците во САД.
Истовремено, од Инстаграм и Твитер доби забрана за пристап до неговите профили поради расистички изјави.
По бројните скандали, извори блиски до раперот за Page Six споделија дека Канје најверојатно се соочува со влошени симптоми од неговото биполарно нарушување и очајно му е потребна помош.
За време на Модната недела во Париз, Канје имаше своја модна ревија каде што се појави со блуза со натпис White Lives Matter (Белите животи се важни).
Натписот е инспириран од слоганот Black Lives matter (Црните животи се важни) кој стана симбол за движењето против дискриминацијата и насилството што ги трпат Афроамериканците во САД.
Во Америка ова е мошне чувствителна тема, па со натписот на блузата, Канје како да го исмеваше движењето Black Lives Matter.
Поради ова, се соочи со критики од многу познати личности, вклучувајќи ја и Џиџи Хадид.
По критиките, Канје одговори со скандалозна и по малку расистичка изјава, тврдејќи дека движењето било лага.
Поради ова, раперот изгуби важен договор со брендот Adidas, по што ги обвини дека ги краделе неговите дизајни.
А, ова не е прв договор што го загуби Канје во изминативе неколку недели – и брендот Gap сподели дека ја прекинуваат соработката со него поради разлики во размислувањата и идеите.
Бидејќи и Хејли Бибер даде поддршка на оние кои го нападнаа Канје за блузата, тој ја нападна и неа.
Раперот изјави дека Хејли имала „пластичен нос“.
Наводно, ова го влошило односот помеѓу Канје и сопругот на Хејли – Џастин Бибер – кој смета дека раперот ги преминал сите граници со навредите.
Неколку денови пред скандалот со натписот на блузата, Канје јавно ја нападна Ким Кардашијан бидејќи не сакала да ги запише децата во неговото училиште Donda Academy.
Во интервју, раперот изјави дека бил убеден дека Ким ќе им го уништи образованието бидејќи не ги запишува во неговото приватно училиште.
„Сите ги запишуваат децата на славните во истото училиште и сакаат да им го исперат мозокот. Сега направивме компромис, но уште не сум завршен бидејќи јас не правам компромиси – децата ќе учат во моето училиште“.
Како и обично, Ким молчи по нападите на Канје.
Периодов Канје Вест го сподели и неговиот мислење за слабеењето на пејачката Лизо.
Пејачката има споделено неколку објави во врска со нејзината борба со вишокот килограми, а Канје „се фати“ токму за ова.
Раперот изјави дека секојпат кога Лизо објавувала нешто за слабеење, „ботовите и медиумите пробуваат да ја промовираат идејата дека прекумерната тежина е новиот тренд“.
Раперот изјави и дека штом Лизо промовира прекумерна тежина, тогаш прави „геноцид на црната раса“.
Пред неколку денови, за време на концерт, Лизо даде кратка изјава во врска со злобните коментари на Канје, изјавувајќи:
„Јас си ја гледам мојата дебела, црна и убава работа“, сугреирајќи дека раперот не треба да се меша секаде.
Како ова да не се доволно скандали во период од две-три недели, раперот доби рестрикции од Инстаграм и Твитер за користење на неговите профили поради расистички изјави насочени кон евреите.
На социјалните мрежи, раперот изјави дека сакал да ги нападне евреите.
Потоа додаде: „Јас не можам да бидам антисемит бидејќи црните луѓе се всушност евреи“.
Изјавите на Канје беа тргнати од Твитер и Инстаграм бидејќи ги прекршуваат нивните правила за говор на омраза.
Сепак, раперот е убеден дека неговите изјави не се воопшто лоши, како и дека ваквите испади се негова „револуционерна техника“ за справување со неговата негативна енергија.
По сето ова, за Page Six се огласија пријатели блиски до раперот кои велат дека се многу загрижени за него.
Тие веруваат дека причината за испадите се проблемите со менталното здравје на раперот и истакнуваат дека ова е можеби најсериозната епизода што ја имал досега.
Наводно, раперот воопшто не спиел и пријателите очекуваат да биде хоспитализиран во секој момент. За потсетување, во 2016 година Канје беше во слична, лоша ментална состојба и воопшто не спиеше, по што беше хоспитализиран.
Наводно, состојбата на Канје драстично се влошила по Модната недела во Париз, и оттогаш тој отпуштил половина од неговиот тим. Односно, Канје ги бркал од работа сите кои не се согласувале со неговите расистички мислења.
Во меѓувреме, тој планирал и повторно да се кандидира на претседателските избори во 2024 година.
Пријателите на раперот очајно се обидувале да го натераат да побара професионална помош, но безуспешно.
Спирова С. | Црнобело