До 11 години спиела со родителите во кревет – ѝ било страв дека ќе ја остават: Факти за Били Ајлиш
- Детали
- среда, 22 јуни 2022
„Не можев да спијам сама. Ако се разбудев, а родителите не беа до мене и светилките беа исклучени, викав на цел глас додека да дојдат. Не можев да станам од креветот ако во собата беше темно бидејќи бев сигурна дека на подот има скорпии“, открива Били Ајлиш во ново интервју.
Иако има само 20 години, Били Ајлиш е светски позната и може да се пофали со дури седум Греми награди, но и Оскар за најдобра оригинална песна.
Покрај музиката, младата пејачка привлекува доста внимание и со нејзиниот стил – таа преферира широка облека бидејќи не сака јавноста да ја сексуализира. Сепак, одвреме-навреме знае да изненади со поелегантна облека, а тогаш предизвикува уште повеќе реакции.
Били е и доста отворена за нејзиниот живот, особено за предизвиците кои доаѓаат со славата, но и проблемите со менталното здравје.
Во неодамнешно интервју, младата пејачка прозборе за таканаречениот страв од разделба – форма на анксиозност која се јавува кога личноста се плаши дека ќе изгуби некој сакан.
Били се соочувала со оваа анксиозност во детството и ѝ било страв дека нешто ќе им се случи на нејзините родители.
Поради ова, не сакала воопшто да се одделува од нив и спиела со нив додека да наполни 11 години. Всушност, целото семејство, вклучувајќи го и брат ѝ, спиело во ист кревет до 11-тиот роденден на пејачката.
„Бев загрижена што ќе им се случи нив, бев загрижена што ќе ми се случи мене, бев загрижена дека ќе бидам заборавена“, вели пејачката.
„Не можев да спијам сама. Ако се разбудев, а родителите не беа до мене и светилките беа исклучени, викав на цел глас додека да дојдат. Не можев да станам од креветот ако во собата беше темно бидејќи бев сигурна дека на подот има скорпии“.
Во истото интервју, Били откри и дека едвај чека да стане мајка и дека „попрво би умрела отколку да нема свои деца“. Сепак, младата пејачка открива и дека кога мисли на мајчинството, чувствува и доза страв.
Кога станува збор за нејзиниот стајлинг, Били смета дека се чувствува многу поудобно во широка облека, иако некогаш сака да се појави и во женствено издание. Но, таа смета дека на голем дел од нејзините фанови не им се допаѓа кога не е во препознатливата широка облека.