„Не била убава како сестрите“ - Како Клои Кардашијан се избори со понижувањата за изгледот?
- Детали
- недела, 05 јуни 2022
Сестрите од кланот Кардашијан-Џенер често се критикувани за сè и сешто – од фотошопираните фотки и корекциите на лицето, сè до нивниот природен изглед. Но, можеби најмногу критики трпи Клои Кардашијан.
Клои вели дека денес се чувствува самоуверено и дека конечно е задоволна од својот изглед, но низ годините трпела омаловажување, навреди и критики и тоа не само од јавноста, туку и од нејзината мајка.
Во интервју од март годинава, Клои отворено прозборе за постојаните споредби со нејзините сестри како и за последиците од бројните критики.
„Кога бев помлада, постојано бев споредувана со моите сестри во смисла дека не е можно да сме во крвно сродство бидејќи сум многу поразлична. Сето ова беше многу болно“, вели Клои во интервјуто.
Па, како Клои успеала да се справи со енормниот притисок да изгледа совршено и како успеала да си ја врати самодовербата?
Клои е родена во 1984 година и има две постари и две помлади сестри, како и помлад брат. Нејзината мајка – Крис Џенер – е добро позната, а пред да почине, и нејзиниот татко бил влијателна личност.
За жал, таткото на Клои, кој бил успешен адвокат, починал кога ријалити ѕвездата имала 19 години.
Роберт Кардашијан е татко на Клои, како и на Ким, Кортни и Роб кои го носат неговото презиме.
Но, бидејќи Клои воопшто не личи на двете сестри, во САД кружеа гласини дека таа воопшто не е ќерка на Роберт Кардашијан. За да ги стивне озборувањата, Клои направи ДНК тест со кој потврди дека Роберт сепак е нејзиниот татко.
Ниската самодоверба поради изгледот ја натерала Клои да се изолира, па на училиште таа немала пријатели. Во средно, Клои го продолжила образованието во домашни услови, а кратко по матурирањето, во 2001 година, доживеала и сообраќајна несреќа.
Поради повредите што ги претрпела, Клои до денес има проблеми со сеќавањето и во ријалити шоуто на Кардашијанс сподели дека не помни многу детали од нејзиното детство.
Неколку години подоцна, во 2007-ма, животот на семејството Кардашијан-Џенер драстично се промени благодарение на ријалити шоуто. Но, додека нејзините сестри уживаа во популарноста, критиките насочени кон изгледот на тогаш 23-годишната Клои само се заостриле.
Благодарение на шоуто, сестрите на Клои заработија милиони – Кендал стана супермодел, а Ким и Кајли направија свои брендови за облека и шминка.
Во меѓувреме, Клои се соочуваше само со потсмев поради изгледот, но и обидите да изгледа поатрактивно со помош на Фотошоп.
А, како што веќе спомнавме, тортурата од јавноста не бил единствениот проблем за Клои. Наводно, мајка ѝ Крис редовно ја критикувала за вишокот килограми, па дури и ја терала да пие апчиња за слабеење.
Всушност, Крис била многу строга со сите нејзини ќерки кога станува збор за изгледот, но најголем притисок трпела Клои која никако не можела да ослаби.
И покрај здравата исхрана и часовите поминати во теретана, Клои не можела да се задоволи со начинот на којшто изгледа, особено не во споредба со нејзините сестри.
Но, со текот на времето Клои научила да се сака себеси.
Кога ќе се земе предвид популарноста што ја има денес, јасно е дека Клои се соочува со повеќе критики од кога било. Но, вели дека сега може целосно да ги игнорира негативните зборови.
Сега има и поголема поддршка од нејзиното семејство, вклучувајќи ја и мајка ѝ, а вели дека тоа ѝ помогнало можеби најмногу.
Денес Клои отворено зборува за проблемите од минатото и истакнува дека не секој знае како е секојдневно да биде понижуван за изгледот.
37-годишната ријалити ѕвезда изгледа посамоуверено од кога било и, многу поважно, се чувствува одлично во своја кожа и докажува дека не треба да ги слушаме критиките на другите, ниту да дозволиме да ни ја рушат самодовербата.
Спирова С. | Црнобело