Ким Кардашијан едвај „влегува“ во фустанот на Мерилин Монро за време на проба + доби прамен од нејзината коса (видео)
- Детали
- среда, 04 мај 2022
На видео споделено од страна на Ripley’s Believe It or Not имаме можност да видиме како Ким без грам шминка, го пробува легендарниот фустан на Мерилин Монро – облекувањето не оди најлесно и ѝ помагаат неколку асистенти. Истовремено, таа добила и необичен подарок од Ripley’s – прамен од косата на Мерилин.
Два дена по Мет Галата јавноста уште зборува за спектакуларното издание на Ким Кардашијан.
41-годишната ријалити ѕвезда се појави на настанот со оригиналниот фустан на Мерилин Монро кој веќе е важен дел од американската модна историја и го држи рекордот за најскапо продаден фустан на аукција – речиси пет милиони долари.
Мерилин го носеше фустанот во 1962 година кога му ја отпеа Happy Birthday на тогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.
Фустанот се наоѓа во музејот на Ripley’s Believe it or Not – франшиза што ја сочинуваат книги, радиоемисии и телевизиски емисии фокусирани на бизарни и необични детали од историјата на човештвото.
Фустанот, кој е украсен со над 2.500 рачно зашиени кристали, се наоѓа во музејот од 2016 година, кога франшизата платила 4,6 милиони долари за да го купи на аукција.
Оттаму, пак, велат дека за нив било вистинско задоволство да соработуваат со Ким, а споделија и видео на кое ријалити ѕвездата го пробува фустанот.
„Сите можеме да кажеме дека Ким изгледа убаво во фустанот. Сметаме дека Мерилин Монро била голема икона во нејзино време и мислиме дека Ким навистина е модна икона на денешницата“, изјавија од Ripley’s за Us Weekly.
На видеото споделено на нивниот официјален Инстаграм профил можеме да ја видиме Ким без грам шминка и со едноставна комбинација од маичка и фармерки како го гледа фустанот.
Потоа има краток инсерт каде што неколку асистенти пробуваат да ѝ го облечат фустанот. Сите носат ракавици и го допираат фустанот мошне внимателно со цел да не го оштетат.
Ким веќе откри дека била на строга диета за да ја собере во фустанот, а од видеото е јасно дека облекувањето не било воопшто лесна задача.
Иако Ким го облече оригиналниот фустан на Мет Галата, го носеше само неколку минути, а потоа облече реплика.
„Емотивен момент за Ким Кардашијан додека го пробува фустанот на Мерилин Монро. Обрнато е посебно внимание за да се зачува ова парче од историјата на поп културата.
Со трудот на конзерватори за облека, проценители и архивари, фустанот е во одлична состојба. Верувале или не, на фустанот не беа направени никакви измени и Ким дури се пресоблече во реплика по црвениот тепих!“ – пишува во описот на видеото.
Од Ripley's открија и дека ја изненадиле Ким со необичен подарок - прамен коса од Мерилин Монро - а во друго видео споделено на Инстаграм се гледа моментот кога Ким го добива подарокот.
Ким повторно е во лежерно издание и очигледно е пресреќна за подарокот. На шега дури вели дека штом има прамен коса од Мерилин Монро, ќе проба да ѝ направи некоја вуду магија.
„За време на пробата на фустанот во седиштето на Ripley’s Believe It or Not, нашиот тим ја изненади Ким со сребрена кутија во која има вистински прамен од платинестата коса на Мерилин Монро“, стои во описот.
Прочитајте повеќе: Ким открива детали за фустанот на Мерилин Монро: „Бев на строга диета за да влезам во него, а го носев само неколку минути“
Спирова С. | Црнобело