Алек Болдвин за првпат забележан со насмевка по трагедијата – си игра со децата по тужбата за убиството (фото)
- Детали
- понеделник, 22 ноември 2021
Една недела откако колешка го тужеше за убиството на Халина Хачинс, Алек Болдвин се појави во јавност со широка насмевка на лицето, додека си игра со неговите деца.
Првпат по смртта на колешката Халина Хачинс, Алек Болдвин беше забележан со насмевка на лицето. 63-годишниот актер случајно ја застрела и уби Халина на сетот на филмот Rust, а оттогаш неколкупати се појави во јавност, секојпат со загрижен израз на лицето.
Сега, актерот беше забележан со неговите деца и сопругата Хиларија, а од фотките е очигледно дека се чувствува подобро.
Фотографиите направени за време на викендот го прикажуваат Алек како ужива во сончевиот ден и се смее додека игра фудбал со неговите деца. Сопругата Хиларија, пак, беше на јавање.
Само една недела претходно, Мами Мичел, членка од филмската екипа на Rust сподели дека ќе го тужи актерот бидејќи „си играл руски рулет за време на снимањето“.
Таа тврди дека актерот е виновен бидејќи не го проверил пиштолот, но и бидејќи за сцената што ја снимале воопшто не требало да има истрели со оружје.
Мами е всушност личноста којашто повикала брза помош кога настанал инцидентот кон крајот на минатиот месец, а минатата недела низ солзи изјави дека ќе го тужи актерот, но и уште неколку членови од филмската екипа и неколку продукциски куќи кои работеле на филмот.
„Истрчав и повикав брза помош и почнав да викам ’Нека дојдат сите‘. Оваа жена нè напушти на почетокот од нејзината кариера. Таа беше прекрасна, ретка, многу ретка жена“.
Мами стоела речиси веднаш до Халина кога Алек ја застрелал и вели дека искуството оставило голема траума.
„Никогаш нема да заборавам што се случи на сетот тој ден. Одново и одново ја слушам експлозијата на пиштолот во мојата глава. Оваа насилна трагедија ја украде среќата од мојот живот“.
Мами се надева дека ќе успее да ја подигне свеста за опасноста што ја претставуваат оружјата коишто се користат за време на снимање и дека со тоа во иднина ќе ги спречи ваквите трагедии.
По Мами, се огласи и нејзината адвокатка нагласувајќи дека Алек Болдвин самиот е виновен за ситуацијата.
„Алек Болдвин намерно, без причина или изговор, го истрела наполнетиот пиштол и покрај тоа што сцената што ја снимаа не бараше стрелање на оружје. Господин Болдвин одлучи да игра руски рулет со наполнет пиштол без да го провери“.
Адвокатката вели дека Болдвин, како и секој актер кој треба да ракува со оружје, мора да тргне со претпоставката дека е полн и да го провери самиот. Само на овој начин би се избегнале ваквите трагедии.
Ова е првата тужба против Алек, но експертите предупредуваат дека сигурно ќе следат уште многу.
Последна фотографија од Халина пред да биде застрелана
Една од првите личности која беше обвинета за убиството е девојката одговорна за оружјето на сетот – 24-годишната Хана – која воопшто не го проверила пиштолот. Сепак, нејзините адвокати тврдат дека таа е „наместена“.
Хана и самата изјави дека не знаела како во пиштолот завршила вистинска муниција и зошто воопшто ја имало на сетот.
Прочитајте повеќе: Алек Болдвин го прегрнува сопругот на убиената колешка + нови детали за одговорните за оружјето (фото)
Истрагата сигурно ќе потрае бидејќи многу работи не се разјаснети, но наводно настанот ги натерал другите професионалци во Холивуд да ги заострат мерките за безбедност на нивните сетови.
Спирова С. | Црнобело