Се степала со Парис Хилтон, ја мрази Кортни Кардашијан – која е поранешната сопруга на Тревис Баркер? (фото)
- Детали
- вторник, 19 октомври 2021
Тврди дека Тревис ја изневерувал со Ким Кардашијан, се степала со Парис Хилтон, а бившиот вереник го тужела за милионски суми – поранешната сопруга на Тревис Баркер има навистина интересно минато, кое исплива откако тој ја запроси Кортни.
Пред да се вери со Кортни Кардашијан, Тревис Баркер беше во брак со моделот Шана Моаклер со која има и две деца.
Тревис поднесе барање за развод од Шана во 2004 година и иако денес имаат заедничко старателство над нивните деца, тие не се во најдобар однос, а Шана отворено ја критикуваше неговата врска со Кортни.
Деновиве Шана беше првпат забележана во јавност по свршувачката на Кортни и Тревис, и тоа во мошне провокативно издание.
46-годишниот модел полнеше гориво во Лос Анџелес со широки тренерки и кроп-топ маичка со длабоко деколте. Комбинацијата ја дополнила со очила за сонце.
Во продолжение неколку забавни факти за Шана Моаклер:
Бурна разделба со Тревис Баркер
Шана и Тревис се венчаа во 2004-та по две години поминати заедно. Само две години подоцна, Тревис поднесе барање за развод кој помина многу бурно.
Тој период активно се користеше социјалната мрежа MySpace, каде што и двајцата пишуваа многу лоши работи еден за друг.
Го финализираа разводот во 2008 година, но во тој период се смирија неколкупати. Во 2009 година се разделија засекогаш.
Тие имаат две деца – Лендон (18) и Алабама (15) и имаат заедничко старателство.
Беше во врска со Били Ајдол
Шана беше во врска со неколку познати личности, вклучувајќи го и музичарот Били Ајдол. Нивната кратка врска почна во 1997 година, но наводно сфатиле дека не се еден за друг.
Откако се разделија, Шана без проблем го искритикува Били:
„Били е многу секси, но не е многу добар во кревет. Веројатно бидејќи жените постојано трчаат по него па нема ни потреба да биде добар“.
Го тужеше бившиот за 62 милиони долари
По разделбата со Били Ајдол, Шана почна врска со боксерот Оскар Де Ла Хоја. Парот се вери, во 1999-та добија и дете, но следната година се разделија. Наводно, причината било неверство од страна на Оскар.
Тогаш Шана реши да го тужи боксерот за вртоглава сума од 62 милиони долари, тврдејќи дека тој бил насилен и кон неа, и кон нивното дете.
Случајот се реши надвор од судница, па не е познато колкава сума извлекла Шана од бившиот.
Тепачка со Парис Хилтон
Откако Шана се раздели од Тревис Баркер во 2006 година, почнаа да кружат гласини дека тапанарот се гледа со Парис Хилтон.
Тој период Шана ја сретнала Парис во ноќен клуб во Лос Анџелес и, според тврдењето на Парис, ѝ удрила бокс во лицето.
За инцидентот се огласи и Шана која, пак, тврди дека тогашното момче на Парис ја стиснал за рацете, ѝ истурил пијачка во лицето и ја турнал по скалите.
И двете жени се закануваа со тужби, но не направија ништо во врска со тоа.
Отворено зборува за пластичните операции
Шана отсекогаш отворено зборувала за пластичните операции и козметичките корекции. Таа неколкупати има направено липосукција, а неодамна направила операција за намалување и затегнување на стомакот.
Беше Мис на САД во 1995 година
Шана беше прогласена за Мис на САД во 1995 година, но вели дека воопшто не ѝ се допаѓало.
„Јас само сакав да запознавам момци и да се забавувам. Но, како Мис на САД морав да се дотерувам и да се однесувам на одреден начин. Не можев ни да пцујам, а јас постојано го правам тоа“.
Ги мрази Ким и Кортни Кардашијан
Шана отсекогаш била отворена за нејзиниот приватен живот, па не молчеше и кога јавноста дозна за Кортни Кардашијан и Тревис Баркер.
Според Шана, додека била во брак со Тревис, тој имал афера со Ким Кардашијан. За врската на Кортни и Тревис, пак, вели дека ѝ ја нарушува хармонијата во семејството.
„Моето семејство е уништено поради нив и сега јас сум оддалечена од моите деца поради уште една сестра од тоа семејство. Ви благодарам што ми го уништивте семејството“, изјави таа во мај годинава.
Но, вели и дека не ѝ пречи што нејзините деца добиваат добар третман од Кортни.
„Кардашијанс им купуваат Prada облека на моите деца секој ден. Одат на скапи патувања. И тоа е во ред. Мислам дека е во ред што се добри со моите деца. Го посакувам тоа за нив“.