Никол Ричи, поранешната пријателка на Парис Хилтон, си ја запали косата од свеќите на роденденската торта (видео)
- Детали
- среда, 22 септември 2021
Никол Ричи, најдобро позната како поранешната најдобра пријателка на Парис Хилтон, деновиве го прослави 40-тиот роденден, но додека ги дуваше свеќите од роденденската торта случајно си ја запали косата. Никол самата објави видео од смешниот момент на нејзиниот Инстаграм профил.
Поранешната најдобра пријателка на Парис Хилтон – Никол Ричи – на 21 септември го прослави 40-тиот роденден, но на прославата се случила мала незгода.
Ријалити ѕвездата сподели видео на Инстаграм од моментот кога ги дува свеќичките на роденденската торта.
На видеото, Никол се наведнува за да ги дувне свеќите, но премногу се доближува до нив, па нејзината коса почнува да гори.
Иако ситуацијата е по малку застрашувачка, Никол се смее додека се обидува да го изгасне огнот.
Во коментарите, пак, пријателите и фановите на Никол ѝ посакуваат среќен роденден, ја прашуваат дали е во ред, а некои велат и дека се чувствуваат лошо бидејќи видеото им било смешно.
Никол се нема огласено, но веројатно незгодата поминала без последици.
Инаку, Никол е ќерка на познатиот пејач Лајонел Ричи, а на јавноста ѝ е најпозната како поранешната пријателка на Парис Хилтон.
Двете девојки имаа ријалити шоу – The Simple Life – каде што се обидуваа да живеат „нормален“ живот, без гламурот и луксузот на коишто се навикнати.
Шоуто се емитуваше од 2003 до 2007 година, а наводно раздорот меѓу пријателките почнал уште во 2005 година.
Ниту една од нив нема откриено која е причината, но постојат шпекулации дека можеби Никол ја пуштила секс снимката на Парис Хилтон на некоја забава.
Иако двете жени не се блиски како порано, според изворите сега се во подобри односи.
Спирова С. | Црнобело