Српски фотограф открива: „Ријана не дава да ѝ се доближиме, Вајнхаус сакаше да ја прикажеме во лажно светло“
- Детали
- вторник, 20 јули 2021
„Ејми се тетеравеше по сцената на последниот концерт во Белград и не изгледаше добро, а нејзиниот тим ми бараше само фотки на кои личи добро. Неколку недели подоцна, по нејзината смрт, ги објавив фотографиите кои вистински ја доловуваа“ – открива српскиот фотограф кој стои зад објективот на многу фотки од светски славни ѕвезди.
фото: depositphotos.com
Брајан Рашиќ е човекот што стои зад објективот на многу од фотографиите што ги гледаме од познатите музички ѕвезди. Тејлор Свифт, Лејди Гага, Ејми Вајнхаус, Ријана, но секако и Дејвид Боуви, Стоунси се само некои од легендарните имиња со кои соработувал.
Светски познатиот фотограф со српско потекло со години соработува со Getty images, a има своја изложба во Зрењанин, Србија, каде даде интервју за српските медиуми и говореше за тоа како е да се соработува со светски познатите музички имиња.
„Една од најголемите ѕвезди денес е Тејлор Свифт. Соработував со неа, таа е прекрасна млада личност и има почит. Нема проблеми, тие без разлика на тоа што се млади, имаат луѓе што работат со нив и коишто ги знаат законите на пазарот, денес сето тоа е под контрола.
Ријана во последно време бара фотографите да ја фотографираат од голема оддалеченост и не смееме да ѝ пријдеме и ја фотографираат луѓето што таа ги одбира, што ја убива фотографијата, затоа што сите ги имаме истите фотографии.
Проблемот е што сите сме различни и што сите сакаме да имаме свој стил, а помладата екипа на светски ѕвезди воопшто нема разбирање за тоа.
Лејди Гага, на пример, нема фотограф, најчесто фотографиите ѝ ги прави еден фотограф за време на концертот и таа избира 15-тина фотографии што потоа им се праќаат на сите, па немаме многу простор за сите да се изразиме и да направиме нешто добро“ – вели Брајан.
Брајан Рашиќ ја започнал својата кариера во соседна Србија во 80-тите години на минатиот век. Најпрво почнал да фотографира на рок концерти во Белград.
Во тој период почнал да ги фотографира рок-легендите на тоа време: Чак Бери, The Rolling Stones, Пол Мекартни, U2, Red Hot Chilly Peppers, Eurythmics, Queen. Тој исто така имал одлична соработка и со Дејвид Боуви со кого направил повеќе фотографии за време на кариерата.
Но, како што минувало времето, така се менувале и ѕвездите, па така зад неговиот објектив се нашле и некои од денешните музички ѕвезди како Тејлор Свифт, Бијонсе и покојната Ејми Вајнхаус.
Особено познати се портретите што тој ги направил од Ејми, непосредно пред нејзината смрт. За тоа како настанале овие портрети и како дошло до таа соработка, Рашиќ говореше во минатото, во интервју за порталот davidbowienews.
Што се однесува до споменатите фотографии Рашиќ изјави:
„Беше 19-ти јуни во Белград, мојот роден град. Нејзиниот ПР тим и менаџерот побараа од мене да го фотографирам настапот на Ејми. Таа имаше проблеми за време на нејзината последна свирка во Бразил, па никој не знаеше што може да се очекува.
Секако, 20.000 луѓе што ги купиле скапите билети за да ја видат Ејми не очекуваа ништо друго освен добра свирка. Тој ден мојот мобилен телефон не престануваше да ѕвони затоа што сите дневни списанија ми бараа фотографии затоа што јас бев единствениот фотограф кому му беше дозволено да фотографира. Не знаев дека е така.
Тоа била одлука на менаџментот за која не ме ни информираа. Но, новинарите ми се лутеа. Секако тоа беше така, затоа што луѓето ме знаат во Белград. Јас бев локален и сите ме знаеја, и бев виновен затоа што никој друг не можеше да ја фотографира Ејми освен мене“ – вели тој.
Amy Winehouse played her last concert ever in Belgrade on today’s day back in 2011 🔥 RIP 😔
Posted by Brian Rasic on Friday, June 18, 2021
Во продолжение Брајан се потсетува за неговите доживувања на еден од последните концерти на Ејми пред трагичната смрт.
„Уште во првиот миг знаев дека нешто не е во ред. Кога излезе на сцената Ејми се сопна и падна и изгледаше како да е ’под дејство‘ на некој начин. Таа правеше сè, но не пееше подолг период.
Толпата беше мошне возбудена затоа што долго време чекаа да ја видат. Ејми разговараше со членовите на бендот и се тетеравеше на сцената. Кога почна да пее, тоа не беше она што сите го очекуваа. Едвај ја гледав затоа што беше длабоко во сцената, а сцената беше мошне висока и тесна. Направив повеќе фотографии и мојот техничар ја зема картичката за да ги испрати фотографиите како што ветив“ – вели тој и додава дека според договорот ги испратил фотографиите на кои пејачката изгледала во ред.
Сепак, неколку недели подоцна, откако се случила трагичната смрт на Ејми тој пак се навратил на истите фотографии и одлучил да ја прикаже онаква каква што била.
„Чувствував дека тоа требаше да биде видено. Каква беше Ејми навистина. Како се чувствуваше. Навистина нејзината смрт беше голема загуба и трагедија и моите фотографии беа вистински документ за тоа“ – вели тој.
Инаку, Рашиќ во моментов има своја уметничка изложба насловена „Под сјајот на ѕвездите“ во Зрењанин. На нејзиното отворање присуствуваа голем број рок ѕвезди од Србија.
Погледнете некои од неговите фотографии објавени на неговиот Инстраграм профил:
Б. С. Б. | Црнобело