Бритни Спирс бесна за документарците за нејзиниот живот: „Зошто ги нагласувате најлошите и најтрауматичните моменти?“
- Детали
- вторник, 04 мај 2021
Во Инстаграм објава Бритни Спирс остро ги критикува документарците за најтешкиот период од нејзиниот живот, нарекувајќи ги лицемерни. Но, поголемиот дел од фановите не веруваат дека таа го напишала текстот и се убедени дека Бритни нема контрола ни над нејзиниот Инстаграм.
Изминативе неколку месеци фокусот на јавноста во голема мера е насочен кон Бритни Спирс, особено најтешкиот период од нејзиниот живот.
Целиот свет ја дозна приказната за нејзината неповолна положба и судската битка што ја води со татко ѝ со цел да си ја врати финансиската независност. Сето ова благодарение на неколку документарци, направени и објавени без дозвола или консултација со Бритни.
Овие документарци се фокусираат на периодот околу 2007 година, кога Бритни ја изгуби својата финансиска независност и ѝ беше доделен легален старател – нејзиниот татко – кој има контрола над практично секој аспект од нејзиниот живот.
Оттогаш помина повеќе од една деценија и, очигледно, Бритни се чувствува многу подобро, но уште е „заробена“. Иако документарците го разгореа движењето FreeBritney чија цел е пејачката да си ја врати независноста, станува јасно дека нејзе не ѝ се допаѓа целата ситуација.
Бритни долго време ги игнорираше документарците, гласините и коментарите од загрижените фанови, но неодамна сподели дека плачела со недели откако дознала за филмот на New York Times насловен Framing Britney Spears.
Сега, пејачката уште еднаш се огласи во врска со документарците и нема ниту еден добар збор за нив, што ги збунува фановите.
Во описот на видео на кое танцува, Бритни напиша:
„Боже! 2021-ва е дефинитивно подобра од 2020-та, но никогаш не очекував дека ќе биде ваква! Оваа година има толку многу документарци за мене кои го покажуваат мислењето на другите луѓе за мојот живот… Што можам да кажам… поласкана сум! Овие документарци се лицемерни… ги критикуваат медиумите, а потоа го прават истото? Боже… не ве познавам, но сакам да ве потсетам иако имав многу тешки периоди во животот, имав многу повеќе прекрасни моменти и, за жал, пријатели мои, мислам дека светот е позаинтересиран за негативното!
Зошто да ги нагласувате само најлошите и најтрауматичните моменти од мојот живот од пред цела вечност?“
„Од посветлата страна, еве видео од мене како танцувам. Имам многу патувања кои со нетрпение ги очекувам летово и едвај чекам да танцувам во различни студија. Сакам да си направам и езерце со јапонски крапови и сум многу благодарна за мојот убав двор. Ви тврдам дека ја имам најубавата градина овде во Лос Анџелес! Се надевам дека сите го живеете вашиот најдобар живот. Знам дека јас го правам тоа“.
Последниот документарец за животот на Бритни е направен од BBC, а во него има и интервју со мејкап артистот познат како Били Б. Во интервјуто тој вели дека се сомнева дека Бритни нема контрола ни над нејзиниот Инстаграм профил – нешто што фановите го шпекулираат веќе извесно време. Во последната објава, Бритни зборува и за тоа:
„Всушност, воопшто не зборувам со Били Б. и искрено сум многу збунета. Ова е мој Инстаграм! Не сакам папараци. Не сакам вие и вашата екипа да ме следите наоколу!“
Според коментарите на објавата, мислењето на фановите во врска со ситуацијата е поделено. Додека некои ја поддржуваат, повеќето се убедени дека видеото и текстот не се објавени од Бритни:
„Кажи го сето ова во живо и ќе ти поверуваме“.
„Направи видео во кое го кажуваш сето ова и можеби тогаш ќе поверувам“.
„Кој ѝ го контролира телефонот?“
„Искрено уште мислам дека таа не ги пишува текстовите на нејзините објави“.
„Чудно е како може да снима видеа со танцување, па дури и лажни видеа на кои одговара на ’прашањата од фановите‘, но никогаш не снима видео каде што го кажува сето ова“.
Спирова С. | Црнобело