„Засрамена сум, две недели плачев!“ – Бритни Спирс брутално искрена по документарецот за нејзиниот живот
- Детали
- среда, 31 март 2021
Помина повеќе од еден месец од премиерата на контроверзниот документарец за Бритни Спирс кој ја разбранува јавноста, а пејачката дури сега реши да се огласи. На Инстаграм, Бритни сподели дека не го изгледала, но после премиерата плачела две недели и нагласува дека медиумите и јавноста отсекогаш ја осудувале.
Во февруари годинава беше објавен документарецот Framing Britney Spears, кој се фокусира на неправдата што ѝ била на нанесена на Бритни во текот на нејзината кариера.
Во контроверзниот документарец се прикажани најтешките моменти од животот на поп ѕвездата, вклучувајќи го и инцидентот кога си ја избричи главата, како и легалното старателство на татко ѝ кој има скоро целосна контрола над нејзиниот живот.
Документарецот покажа дека Бритни била жртва на американските медиуми и папараци, кои го следеле секој нејзин чекор, дури и кога пејачката очајно ги молела да ја остават на мир.
Поради вознемирувачката содржина и приказот на голготата што ја преживеала Бритни, огромен број луѓе, меѓу кои и многу славни, ја дадоа својата поддршка, обидувајќи се да ја подигнат свеста за неповолната положба на пејачката.
Оние кои ја поддржуваат сметаат дека на Бритни дефинитивно не ѝ треба помош од легален старател бидејќи пејачката е доста активна последниве некоклу години - редовно настапуваше во Лас Вегас и успеа да издаде неколку албуми.
Бритни молчеше во врска со документарецот, но сега реши да го сподели нејзиното мислење.
На својот Инстаграм профил таа сподели видео на кое танцува на Crazy од Aerosmith, а во описот отворено кажува какво влијание имал документарецот врз неа:
„Отсекогаш имало многу шпекулации за мојот живот… Ме гледаат… и ми судат цел живот!!! За да не полудам, морам да танцувам секоја вечер од мојот живот. Да се чувствувам диво, како човек, и да почувствувам дека сум жива!!!
Цел живот сум изложена пред другите додека изведувам. Потребна е огромна сила да му ја покажете ранливоста на универзумот, бидејќи секогаш сум била осудувана, навредувана и засрамувана од медиумите… и истото се случува и денес!
Како што Земјата продолжува да се врти и животот продолжува да тече, ние си остануваме кршливи и чувствителни како луѓе! Не го изгледав документарецот, но според она што го видов досега, засрамена сум од начинот на којшто ме прикажува… Плачев две недели и… па, некогаш уште плачам!
Правам што можам обидувајќи се да ги зачувам моите радост, љубов и среќа. Секојдневното танцување ме прави радосна! Не сум овде за да бидам совршена… совршенството е здодевно. Јас сум овде за да споделувам добрина“.
https://www.instagram.com/p/CND5B1RArtK/
Моментално Бритни уште ја води судската битка со татко ѝ во врска со легалното старателство. Неодамна нејзиниот адвокат побарал од судиите улогата легален старател да му ја доделат на некој друг. Наводно, Бритни се согласувала да има легален старател, само не сака тоа да биде нејзиниот татко.
Бритни изјави и дека нема воопшто да настапува сè додека татко ѝ има контрола над нејзиниот живот, и досега си стои на зборот.
Погледнете и Славните со поддршка за Бритни Спирс – објавен контроверзен документарец кој прикажува како била злоупотребена
Спирова С. | Црнобело