„Ова е за Криси“ – По загубата на бебето, Џон Леџенд со насолзени очи ја изведе Never Break на Billboard наградите
- Детали
- четврток, 15 октомври 2020
На 14-ти октомври се одржа доделувањето на Billboard Music Awards, а покрај другите изведувачи, на сцената се качи и Џон Леџенд, кој ѝ ја посвети изведбата на Криси, со која неодамна го изгубија бебето од третата бременост.
Откако се соочија со спонтан абортус и трагична загуба на третото бебе, Џон ѝ ја посвети изведбата на Never Break на својата сакана Криси. Пред да почне со настапот, тој беше претставен од Кели Кларксон која, пак, беше водителка на настанот.
„Сакам да одвојам момент да зборувам за пријател кој секојдневно ме инспирира. Не само како музичар, текстописец, туку како човек. Џон Леџенд е еден од моите омилени луѓе на оваа планета и не е воопшто тешко сите да го мислиме истото за него и Криси, бидејќи тие на топол начин ни дозволуваат да ѕирнеме во нивниот свет – ни ги покажуваат и добрите и лошите нешта“.
Потоа Кели додаде дека Џон и Криси ја имаат поддршката од неа, но и сите други.
Ова е првиот настап на пејачот после трагичниот настан, а на самиот почеток на изведбата, тој вели:
„Ова е за Криси“.
Како што прокоментираа многу фанови, ова е можеби една од најемотивните изведби на Џон досега, а кон средината, се забележува и дека неговите очи почнуваат да се насолзуваат.
Дури и Кели Кларксон не остана рамнодушна и по настапот на Џон изјави дека тоа ѝ бил најубавиот момент од вечерта:
„Џон, тоа беше многу убаво. Ви ја праќам сета моја љубов на тебе и на Криси“.
Покрај Џон, на сцената се појавија и Малума, Алиша Кис, Сиа, а настанот го отвори Кели Кларксон со изведба на песна од Витни Хјустон.
Првично, доделувањето на наградите требаше да биде на крајот од април во Лас Вегас. Но, поради пандемијата, настанот беше одложен за 14-ти октомври, а беше пренесуван во живо од театарот Долби во Лос Анџелес.
Прочитајте и: Не се откажува од „маскирање“: Сиа прикриена со розова перика и огромни панделки настапи на Billboard наградите
Спирова С. | Црнобело