Кели Роланд направи скандал на Канскиот филмски фестивал: Вика на црвениот тепих, ѝ се заканува на жена редар
- Детали
- среда, 22 мај 2024
Откако пред неколку месеци демонстративно стана и си замина од интервју во живо, пејачката Кели Роланд со нов јавен испад, овој пат на Филмскиот фестивал во Кан.
Поранешната пејачка на Destiny’s Child, Кели Роланд, направи скандал на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал.
Таа се скара со жена редар додека се качуваше по скалите, викаше на цел глас по неа и ѝ се закануваше со прст.
Официјално не е позната причината за испадот на Роланд, иако некои медиуми шпекулираат дека таа избувнала кога жената, која ѝ покажувала каде да застане за да се фотографира и каде да оди за да стигне до салата во која се прикажуваат филмовите на фестивалот, ја допрела по надлактицата.
Ова, наводно, било доволно за Кели да се вознемири и да почне да вика и да ѝ се заканува на жената.
Пејачката наводно била толку лута, што дури и откако друг редар ја „презел“ за да ја упати каде треба да оди, таа се свртела назад и понатаму викала по жената.
Фотографиите од скандалот го обиколија светот, по што Кели уште еднаш беше окарактеризирана како „тешка за соработка“.
Ова е втор испад на Роланд за кратко време. Таа неодамна си замина среде интервју додека гостуваше во Today Show.
Иако не е потврдено што го предизвикало овој испад на Кели, во медиумите се шпекулира дека таа се изнервирала бидејќи водителката ја прашувала за Бијонсе, со која пееше во Destiny’s Child на почетокот на кариерата, наместо да се фокусира на она што Кели го промовира во моментот - филмот Mea Culpa.
Инаку, Роланд во Кан беше поканета да присуствува на премиерата на францускиот филм Marcello Mio.
На црвениот тепих таа воодушеви со изгледот - носеше црвен фустан без прерамки, со сребрени салонки и впечатлив накит, а имаше и нов имиџ, па се појави со платинесто руса коса.
Повеќе фотографии од Кели Роланд на Канскиот филмски фестивал:
А. Ј. | Црнобело