Дали Мари Фредриксон и Пер Геслe ја испеале својата љубовна приказна во песната “It Must Have Been Love“?
- Детали
- понеделник, 16 декември 2019
Шведската пејачка Мари Фредриксон, дел од некогаш многу популарното дуо „Roxette“, почина на 9 декември на 61 година, после долга и сериозна болест која ѝ била дијагностицирана во 2002 година - тумор на мозок.
Русокосата пејачка го остави зад себе сопругот и нивните две деца. Приказната на Roxette започнува во 1986 година, кога Фредриксон започнала да работи со колегата Пер Гесле, кој подоцна станал нејзин партнер во групата.
Нивниот прв сингл „Neverending Love“ бил многу успешен во Шведска, но глобалната слава ја стекнале три години подоцна со песната „The Look“ од нивниот втор албум „Look Sharp!“
Нивниот голем хит „It Must Have Been Love“ стана една од најубавите љубовни балади на сите времиња. Дали Мари со себе ја однела вистината за тоа дали љубовта меѓу неа и нејзиниот партнер Гесле била отпеана токму во таа песна?
Ова се шпекулираше со години, но тие секогаш тврдеа дека се само пријатели. Гесле се збогуваше со колешката на социјалните мрежи со следните зборови:
„Времето минува толку брзо. Не толку одамна, ги поминувавме деновите во мал стан во Халмштад, слушајќи музика што ја сакавме и двајцата, споделувавме соништа и фантазии.
И каков сон конечно реализиравме заедно! Ти благодарам Мари, за сè. Беше неверојатен музичар и забавувач. Ти благодарам што на моите црно-бели песни им подари најубави бои. Ти беше најдобар можен пријател во последните 40 години.
Горд сум и среќен што споделив толку многу време, талент, топлина и хумор со тебе. Мојата љубов оди кон тебе и твоето семејство. Ништо повеќе нема да биде исто.“
Песната „It Must Have Been Love“ го обележа филмот „Pretty Womаn“, а дали навистина во песната се открива тајната за Мари и Пер, веројатно никогаш нема да дознаеме.
Пејачката претходно се лекувала од тумор на мозок, кој ѝ бил дијагностициран во 2002 година. Поради болеста била слепа на едно око, не слушала добро и имала тешкотии да зборува со месеци.
Групата Roxette на многу луѓе им го одбележа детството, а хитовите како „Joyride“, „The look“, „Dangerous“ и „Listen to your heart“ секогаш ќе се паметат и слушаат.
Ашера | Црнобело