Илјада зборови за Ширли Темпл, која била многу повеќе од најсветлата ѕвезда на Холивуд
- Детали
- недела, 29 септември 2019
Запаметена како најсветла sвезда на Холивуд во 1930-тите, Ширли Темпл, всушност, била многу повеќе од тоа. Таа била и дипломат, активист за правата на жените, и една од првите познати личности што јавно зборувале за карцином на дојка и можна мастектомија.
Со полно име Ширли Џејн Темпл, своите први милион долари ги заработила пред да наполни 10 години. Ширли била национална институција, а нејзиниот лик бил инспирација за облека на многу детски кукли. Таа била меѓу првите sвезди кои уживале во плодовите на маркетиншкиот менталитет.
Првите филмски чекори ги направила на само четири години, како актерка во краток сатиричен серијал „Runt Page“ во 1932 година и „The Pie-Covered Wagon“ во 1932 година.
Прв долгометражен филм во кој глумела бил „Red Haired Alibi“. Кога имала само шест години, Темпл потпишала договор со корпорацијата Фокс за нејзината прва холивудска улога во филмот „Каролина“.
Темпл била актерка, пејачка и танчарка, а со својот заразен оптимизам станала детска сензација во Холивуд.
Тогашниот претседател на САД, Френклин Рузвелт, изјавил дека Темпл е „Мало чудо“, бидејќи имала позитивно влијание врз моралот на американскиот народ за време на тешката економска криза.
„Сè додека нашата земја ја има Ширли Темпл, сè ќе биде добро.“ - изјавил еднаш.
До свои 12 години, Темпл глумела во повеќе од 40 филмови. Иако цело време била опкружена со љубов и обожаватели, на сетот и надвор од сетот, Холивуд упорно ја експлоатирал.
На 17-годишна возраст, се омажила за колега глумец, Џон Агар, и решила да се пензионира и да создаде семејство. Во вториот брак со калифорнискиот бизнисмен, Чарлс Алден Блек, со кој била во брак од 1950 година до неговата смрт во 2005 година, добила две деца.
Во 1960-тите години Темпл се свртела кон дипломатска и хуманитарна работа. Таа била и во трката за Конгрес. Нејзината цел била да стане првата жена во конгресот во Калифорнија.
Како амбасадорка на САД во Гана, Темпл започнала дискусии за банкарството и слободата на жените. Во 1976 година станала прв водач на протоколи во САД.
Со текот на времето, таа ја сфатила важноста на јавните личности и ја искористила на најдобар можен начин. Знаевте ли дека Темпл била страстен пушач? Веројатно не, бидејќи оваа навика ја криела од јавноста, за да не дава лош пример на нејзините фанови.
За нејзиниот придонес во светот на филмот, како малолетна изведувачка, Темпл добила специјален Оскар за малолетни актери, во февруари 1935 година.
Поради лошиот успех на последните филмови во кои глумела, кон крајот на 50-тите години официјално објавила дека се повлекува од светот на филмот. Осум години подоцна, започнала да работи во телевизија, а до 1961 година била презентер и раскажувач на ТВ-шоуто „Shirley Temple’s Storybook“.
Ширли Темпл почина во 2014 година, на 85-годишна возраст, во нејзиниот дом во Калифорнија.
Покрај заразната насмевка, веселата природа, незаборавните улоги, како на големото платно, така и во дипломатијата, ќе ја паметиме и по прекрасната реченица:
„Не заборавајте да им кажете на вашите омилени луѓе дека ги сакате.“
Ашера | Црнобело