Трауми од детството: Славни личности кои биле малтретирани од врсниците
- Детали
- сабота, 07 јули 2018
Која холивудска миленичка ја заклучувале во школскиот плакар, нарекувајќи ја грда и дебела? Кого соучениците везден го навредувале заради познатото семејство? Кому бојата на косата му го загорчила детството?
Тие денес се обожувани и почитувани. Имаат милиони фанови и поддржувачи низ светот. Меѓутоа, во детството и младоста, дури ни ѕвездите не биле поштедени од горкиот општествен проблем – врсничкото насилство.
Исмејувани, навредувани, понижувани, омаловажувани, па дури и тепани – не само што успеале да се изборат со вербалните и физичките насилници, туку и никогаш не ја загубиле вербата во себеси. Дел од имињата сигурно ќе ве изненадат.
Ова се славните личности кои биле малтретирани од врсниците:
Ријана
Убавата пејачка од Барбадос била жртва на дискриминација поради светлата боја на кожата. Планетарниот успех што го доживеа неколку години подоцна, претставува нејзината најдобра одмазда. Во интервјуто за Allure во 2008 година, Ријана првпат прозборе на оваа тема:
„Не ми беше јасно. Околу себе гледав луѓе со различна боја на кожата, а јас имав светол тен. Соучениците ми се потсмеваа бидејќи бев премногу „бела“.“
Тејлор Свифт
Нејзините хитови ги покорија светските топ листи, ама не и музичкиот вкус на соучениците во средно училиште. Тејлор Свифт многупати се пожали дека не била популарна и омилена помеѓу врсниците во тинејџерските години.
Таа не припаѓала на групата „кул“ деца, туку ѝ се потсмевале за песните:
„Чудно им беше што сакам кантри музика. Ме исмеваа. Не ме запреа да си ги остварам соништата. Неколку години подоцна се вратив во родниот град, а дел од девојките што ме малтретираа, ги затекнав во мои маици, чекајќи да земат автограм од мене. Беа заборавиле колку злобно се однесуваа во минатото. Тогаш сфатив дека треба и јас да што поскоро да ги избришам од меморијата.“
Ед Ширан
Тој е дефинитивно најпознатиот црвенокос пејач на денешницата. Сепак, во повеќе наврати, Ед Ширан навести дека бил жртва на врсничко насилство токму поради бојата на косата, како и необичниот изглед.
„Кога бев мал, децата на училиште ме задеваа. Бев чудак. Многу чудно дете. Пелтечев додека зборував. Носев џиновски oчила. A, згора на сè имав проблеми и со тапанчето во едното уво, па може да си замислите како ми беше.“
Кајли Џенер
Да. Звучи неверојатно, но дури и мегапопуларната старлета е некогашна жртва на насилство во адолесценцијата. Најмладата членка на кланот Кардашијан, неодамна се исповеда дека била мета за напади на училиште, исклучиво поради славата на нејзиното семејство.
„Имав девет години кога почна да се прикажува шоуто. Оттогаш трпам невидено малтретирање од другите. Дури растев, ги слушнав најлошите навреди што некој може да ги каже за мене. Целиот свет ме осудуваше. Насилството ми обележа голем дел од животот. Затоа се свртев кон луѓето кои имаат посериозни проблеми од моите. Тие ме инспираа да ги издржам нападите од хејтерите. “
Деми Ловато
Поранешната дизниева ѕвезда стана позната од мали години. За освојување на врсниците, пак, потребно ѝ било многу повеќе труд и време. Во документарниот филм „Simply Complicated“, Деми Ловато проговоре за искуството со насилниците:
„Кога имав 12 години, ме малтретираа до таа мера што развив социјална анксиозност. Немав доверба во девојчињата на моја возраст. Сè се промени кога се спријателив со едно од „популарните“ деца. Заедно пораснавме и поминавме низ сешто. Најважно во животот е да бидете толерантни, сакајќи се себеси и прегрнувајќи ја својата убавина.“
Кристијан Бејл
Англискиот актер се стекна со светска слава на само 13 години, благодарение на филмот „Empire of the Sun" од Стивен Спилберг. Претешко го поднел враќањето на училиште, каде љубоморните соученици го одбрале како лесна мета за напади. Кристијан Бејл си ја отвори душата за порталот Digital Spy:
„Не уживав ни миг во славата. Бев жртва на насилство. Децата секојдневно ме удираа и клоцаа. Ова ми беше рана лекција како снимањето филм може да ве издвои од околината. Ако не сакате да живеете со последиците, тогаш не правете го тоа. Мене ваквото сознание не ми беше од помош. Ме збунуваа туѓите реакции на моја сметка, подеднакво добри и лоши.“
Кејт Винслет
Таа повеќе од две децении е миленичка на филмската публика. Доколку ги послушала зборовите на „хејтерите“, никогаш не ќе беше она што е денес. Во тинејџерските години, врсниците ѝ се потсмевале на Кејт Винслет, правејќи да се почувствува несигурна заради телото и тежината:
„Ме малтретираа на училиште. Ме нарекуваа со погрдни имиња. Ме задеваа затоа што сакав да глумам. Ме заклучуваа во плакарот. Ми се смееја. Не им бев доволно убава. Имав големи стапала. Знаете ли што ми помогна да си ги остварам соништата? Тоа што верував во себе. Мора да бидете неуништиви. Да го правите она што го сакате, верувајќи дека сте достојни да успеете. Некогаш ова е најтешкиот дел.“
Лејди Гага
Откако се појави на музичката сцена, таа храбро им пркоси на стереотипите и предрасудите. А, во раните години, живеела со уверението дека не вреди пет пари, затоа што константно била обезвреднувана. Во интимната исповед за The View, Лејди Гага се потсети на минатото:
„Навистина ме малтретираа. Имав фина група на пријатели, ама на училиште бев везден понижувана. Ова ќе ме следи до крајот на животот. Не бев ни свесна колкаво влијание имаше врз мене, додека не станав позната, па се зголеми притисокот да им бидам пример на другите. Морав да се задлабочам во себеси и да се запрашам: „Што јас имам да понудам?“. Со години чувствував дека немам ништо вредно да им понудам на луѓето.“