Не дочекаа свадба: Славни парови кои раскинаа по веридбата
Бред Пит и Гвинет Палтроу
Анџелина Џоли и Џенифер Анистон. Ова се двете дами со кои згодниот глумец застана пред олтарот. Но, пред тие да се појават во неговиот живот, многумина сонуваа за свадбата помеѓу Бред Пит и Гвинет Палтроу.
Се забавуваа три години, пред да ја прекинат свршувачката во 1997 година. По разделбата на омилената холивудска двојка, медиумите наголемо шпекулираа околу причините зад таквата одлука.
Одговорот го даде актерката. „Дефинитивно се вљубив во него. Беше преубав и пресладок. Мислам, тоа беше Бред Пит! Јас не бев спремна, а тој беше предобар за мене. Не знаев што правам.“, призна Палтроу во едно интервју.
Џаред Лето и Камерон Дијаз
Во периодот од 1999 до 2003 година, Камерон Дијаз и Џаред Лето беа еден од најжешките парови што чекореше на земјината топка. По една година забавување, тие тајно се свршиле. Сепак, никогаш не ја крунисаа љубовта.
Со сите сили се труделе да ја сокријат врската од очите на јавноста, па на крајот двајцата ја платија најскапата цена. Камерон и понатаму го смета Џаред за свој пријател.
„Останувам во пријателски односи со бившите дечковци. Тоа се луѓе во кои имам вложувано. И тие вложувале во мене.“, откри глумицата која сега е во среќен брак.
Лени Кравиц и Никол Кидман
Рок ѕвездата и русокосата оскаровка некогаш биле верени? Да. Многумина ги изненади признанието на Никол Кидман, која дури лани откри дека со Лени Кравиц се свршиле пред скоро петнаесет години.
Тие беа заедно во 2003 година, но никој не веруваше во сериозноста на нивната врска. Зборувајќи за ќерката на музичарот, глумицата неодамна рече:
„Добро ја познавам Зое, бидејќи му бев свршеница на татко ѝ. Таа ми е како семејство. Го сакам Лени, затоа што е прекрасен човек. Едноставно не го правевме вистинското нешто. Ниту јас, а ни тој не бевме спремни за таков чекор.“
Бритни Спирс и Џејсон Тревик
По двете брачни фијаска, фановите на поп принцезата се понадеваа дека сталожениот менаџер ќе ѝ биде трета среќа. По деветнаесет месеци во врска, Бритни Спирс и Џејсон Тревик се свршија кон крајот на 2011 година.
Вереникот имаше главна улога и во нејзиниот спот за песната „Criminal“. Раскинаа година дена подоцна. Наводно, двојката имала несогласувања околу прашањето за деца, односно планирањето семејство.
„Засекогаш ќе го обожавам и ќе останеме пријатели.“, гласеше кратката изјава на Спирс.
Иги Азалеа и Ник Јанг
Во 2015 година, НБА кошаркарот Ник Јанг ја запроси својата девојка, познатата австралиска раперка Иги Азалеа, за време на прославата на неговиот 30-ти роденден во Лос Анџелес.
И тие раскинаа една година подоцна, поради неверствата од страна на Јанг. Поточно, видео снимките кои музичката ѕвезда ги виде со сопствени очи. „Го љубам и упорно се обидував да му верувам, но очигледно е дека не можам.“
Азалеа го обзнани прекинот на свршувачката преку Инстаграм, пишувајќи: „Му посакувам сѐ најдобро на Ник. Никогаш не е лесна разделбата од личност со која сте си ја испланирале сета иднина. Меѓутоа, иднината може одново да се напише, а мојата од денеска е празна страница.“
М. А. | Црнобело