„Жал ми е…“: Ким доби емотивно писмо од мажот што ја ограби
- Детали
- петок, 29 септември 2017
Пристигна извинување од Париз до најпознатата старлета во светот. На Ким Кардашијан ѝ испрати писмо разбојникот, чијашто жртва беше минатата година.
Адвокатите на Ким Кардашијан неодамна примиле рачно напишано писмо на француски јазик, во кое организаторот на грабежот ѝ се извинува на старлетата за нанесената душевна болка, во името на сите учесници во страшниот чин, пренесува порталотTMZ.
За потсетување, Ким Кардашијан беше насилно ограбена од петмина вооружени мажи во октомври минатата година, додека престојуваше во својот апартман за време на Модната недела во Париз.
Кога страстите стивнаа, таа истакна дека трауматичното искуство ја научило да биде повнимателна, но и помалку да им верува на луѓето. А, со плачлив тон во гласот, откри и дека најмногу стравувала да не биде силувана.
Нејзините потресни исповеди постојано ги пренесуваа француските телевизии, поради што еден од главните актери во целата приказна, почувствува потреба да ѝ се обрати на Ким.
Олд Омар, 60-годишниот разбојник кој призна дека од ѕвездата на реалното шоу укралe накит вреден над 10 милиони долари, сега ја моли популарната Ким за прошка:
„Откако ги согледав вашите емоции и станав свесен за сета психолошка штета која ви ја предизвикав, одлучив да ви напишам писмо, но не за да добијам некаква милост од вас. Сакам да допрам до вас како човечко битие, за да ви кажам колку жалам за она што го сторив, но и колку бев трогнат и потресен кога ве видов со солзи во очите. Знајте дека целосно сочувствувам со болката низ која поминувате вие, вашите деца, вашиот сопруг, како и вашите најблиски. Се надевам дека ова писмо ќе ви помогне малку по малку да заборавите траумата што ја претрпевте по моја вина.“
Сепак, изворите блиски на Кардашијан тврдат дека 36-годишната убавица воопшто не наседнала на емотивното писмо од крадецот.
Таа не само што не поверувала во искреноста на зборовите што тој ѝ ги упати, туку и смета дека се работи за евтин трик од негова страна, пред почетокот на судскиот процес против осомничените.
Што мислите вие?
М. А. | Црнобело