Холивудски деца: Мини копии на нивните родители
- Детали
- среда, 24 септември 2014
Секој родител уште на раѓањето сака да погодува на кого личи неговото дете. Можеби ги има очите на мајката или носот на таткото или е „плукнат“ на бабата. Секако ова важи и за децата нa познатите кои можеби ја имале таа среќа да добијат одлична комбинација на гени.
Погледнете ги децата кои се речиси идентични како нивните познати родители.
Вајолет Афлек
Вајолет е најстарата ќерка на холивудскиот пар Џенифер Гарнер и Бен Афлек. Малата Вајолет со своите темни очи, прчест нос и полни усни е вистинска слика и прилика на својата прекрасна мајка Џенифер.
Ава Филипе
Интересно е како ќерката на поранешните сопружници Рис Витерспун и Рајан Филипе е вистинска комбинација на своите родители. Ава има долга руса коса, исти очи како татко ѝ и усни како мајка ѝ. Нејзините родители ја добија во нивните дваесетти, а се разведоа кога таа имаше 8 години, но односот кој го има со двајцата е многу стабилен и силен. Рајан има изјавено дека не би им забранувал на децата да се занимаваат со глума, но повеќе би сакал да оберат некој друг пат.
Шајло, Вивиен и Нокс Џоли-Пит
Засега сите биолошки деца на Бред и Анџелина имаат руса коса и сини очи, но тоа може да се промени кога ќе пораснат. Се чини дека сите тројца се идеална комбинација на своите родители иако многумина мислат дека најмногу личат на таткото. Како и да е, покрај такви родители, кога ќе пораснат сигурно ќе бидат вистински претставници на фамилијата Џоли-Пит.
Сури Круз
Единствената ќерка на Том Круз и Кејти Холмс од нивниот краток и поприлично чуден брак израсна во вистинска убавица. Сури има темна коса и изразено сини очи, а од ден на ден сè повеќе потсетува на својата мајка. Освен тоа оваа девојка има многу изразено чувство за мода, бидејќи уште од мали нозе сака скапоцени работи. Таа дури има носено и детски чевли со високи потпетици. Откако се разведени нејзините родители, Сури живее со Кејти.
Матилда Леџер
Кога Хит Леџер почина, неговата ќерка имаше само 3 години. Сега 9-годишната Матилда сè повеќе и повеќе личи на својот татко. Мишел Вилијамс во една прилика изјавила дека е мајка на најпрекрасното и највеселото девојче во светот која е слика и прилика на својот татко и дека Хит живее преку својата ќерка.
Сејди Сендлер
Познатиот комичар Адам Сендлер има две ќерки, но постарата, Сејди е целосно како него. Темнокосото девојче дури прави и исти гримаси како нејзиниот татко. Таа неколку пати се појавила и во филмовите на Адам, а тој секогаш ја води со себе на снимањата. Двете ќерки, Сејди и Сани се многу приврзани за нивниот татко.