Актери кои глумат најдобри пријатели во серии, но не се поднесуваат во реалноста
- Детали
- сабота, 21 декември 2024
Ким Катрал толку многу ја мрази Сара Џесика Паркер, што јавно ја „оцрни“ откако таа проба да ѝ покаже сочувство за смртта на брат ѝ.
Хемијата меѓу некои телевизиски ликови е толку добра, што помислуваме дека актерите кои ги глумат се најдобри пријатели и во приватниот живот.
Некогаш ова е точно, но изгледа дека многу почесто овие актери не се ни поднесуваат едни со други.
Неколку вакви актери во продолжение:
Метју Фокс и Доминик Монаган
Во хит-серијата Lost, ликовите на Метју (Џек) и Доминик (Чарли) се мошне блиски додека пробуваат да преживеат на островот.
Но, во приватниот живот немаат добро мислење еден за друг. Односно, Доминик има изјавено дека не го сака Метју.
Во 2012 година, кратко пред изјавата на Доминик, Метју Фокс беше уапсен бидејќи ѝ удрил бокс на жена.
Па, кога го прашаа за Метју, Доминик само изјави:
„Тој удира жени. Не, благодарам“.
Подоцна извори блиски до Доминик открија дека тој и Метју веќе неколку години немаат никаков контакт.
Бенедикт Камбербач и Мартин Фримен
За многумина, не постојат подобри Шерлок Холмс и доктор Вотсон од Бенедикт и Мартин.
Иако во серијата се одлично дуо, во приватниот живот нивниот однос не е баш пријателски.
„И двајцата се професионалци и се учтиви еден кон друг, но меѓу нив нема топлина кака што би очекувале по 6-годишна соработка“, има изјавено извор близок до актерите.
Гласините дека воопшто не се поднесуваат се разгореа откако Мартин Фримен не присуствуваше на свадбата на Бенедикт.
Кога, пак, годинава почна да се зборува за нова сезона од серијата Sherlock, креаторот Стивен Мофат изјави дека би сакал, но проблем биле главните актери кои не планирале да соработуваат заедно.
Патрик Демпси и Исаија Вашингтон
Ѕвездите од Grey’s Anatomy соработуваа на серијата неколку сезони, но токму на снимањето настанал и конфликтот меѓу нив.
Инцидентот се случил во 2007 година.
„Мислам дека едниот од нив доцнеше на снимање. Па другиот, за да му врати, доцнеше следниот ден.
По ова ситуацијата ескалира – почнаа да се расправаат, а имаше и физичка пресметка“, има изјавено сценаристот на серијата.
Сара Џесика Паркер и Ким Катрал
Во Sex and the City, ликовите на Сара и Ким се најдобри пријателки.
Сепак, во 2017-та, Ким откри дека со години не зборувала со колешките од серијата и биле во лош однос.
„Особено со Сара Џесика Паркер. Мислам дека можеше да се однесува подобро. Не знам што ѝ е проблемот“.
Следната година, почина братот на Ким, а кога Сара се обиде да ѝ изрази сочувство, колешката изреагира бурно со Инстаграм објава:
„Твоите обиди да допреш до мене се болен потсетник за тоа колку беше сурова и колку си сурова сега.
Да ти разјаснам нешто – ти не си дел од моето семејство, не си ми пријателка.
Па, уште еднаш ти велам да престанеш да ја експлоатираш мојата трагедија за да си ја подобриш репутацијата“.