Тројца уапсени за смртта на Лиам Пејн, откако телото беше вратено на неговото семејство во Англија
- Детали
- петок, 08 ноември 2024
Според аргентинските власти, три лица се уапсени за смртта на пејачот, вклучувајќи и негов пријател кој го напуштил додека бил во животозагрозувачка состојба.
Додека семејството на Лиам Пејн се подготвува за неговиот погреб, полицијата во Аргентина уапсила три лица кои се верува дека се поврзани со неговата трагична смрт.
Вестите се потврдени од аргентинските власти.
Но, не е точно познато дали трите лица се официјално обвинети или се само приведени за испрашување бидејќи се сметаат за осомничени.
Лицата се уапсени скоро еден месец по трагичната смрт на пејачот кој почина на 16-ти октомври, по пад од балкон во хотел во Аргентина.
Според надлежните, еден од приведените е пријател на пејачот кој е осомничен за „напуштање личност во животозагрозувачка состојба“, што резултирало со смртта на Лиам.
Се претпоставува дека истата личност ја набавила и дрогата што ја користел Лиам – кривично дело за кое казната може да биде и 15 години зад решетки.
„Пријателот“ на Лиам не е идентификуван, но според описот, некои тврдат дека станува збор за Роџер Норес, кој бил со Лиам во деновите пред трагичната смрт.
Сепак, Роџер веднаш ги негираше гласините дека бил приведен, заедно со шпекулациите дека полицијата го пребарала неговиот дом.
„Не го напуштив Лиам, трипати го посетив тој ден во хотелот и заминав 40 минути пред да се случи сè.
Имаше над 15 луѓе во хотелското лоби кои разговараа и се шегуваа со него кога си заминав. Не можев ни да помислам дека ќе се случи нешто вакво.
Јас ја дадов мојата изјава на 17-ти октомври, како сведок, и оттогаш немам зборувано со надлежните.
Срцето ми е скршено поради оваа трагедија и секој ден ми недостасува мојот пријател“, изјави Роџер за Daily Mail.
Според аргентинските медиуми, меѓу приведените се и двајца вработени во хотелот.
Едниот од вработените е обвинет дека му носел кокаин на Лиам додека бил во хотелот, а со слично обвинение се соочува и другиот.
Во телото на Лиам биле најдени траги од алкохол, кокаин и антидепресив, а надлежните ја отфрлија можноста за самоубиство со намера.
Сепак, според обвинителот што ја води истрагата, имало докази за „незаконско однесување“ кое резултирало со смртта на пејачот.
„Од почетокот на истрагата и во период од неколку дена, беа преземени драстични мерки за да се утврдат околностите за смртта на пејачот.
Беа разгледани 800 часа снимки од безбедносни камери и беа земени изјави од вработени во хотелот, членови на семејството, пријателите и медицински професионалци.
Беше анализиран телефонот на пејачот за време на истрагата, како и регистарот со гости во хотелот, но и нарачките во барот и ресторанот. Беа направени и соодветните лабораториски испитувања.
Како резултат на собраните докази, обвинителот Андреа Мадреа обвини тројца луѓе, барајќи притвор за нив“, вели, меѓу другото, главниот обвинител.
Надлежните не веруваат дека Лиам бил убиен со намера бидејќи повредите на неговото тело соодветствувале на падот од балконот.
Најверојатно, пејачот паднал во полусвесна или несвесна состојба.
Инаку, телото на Лиам беше вратено кај неговото семејство дури во средата (06.11).
Според извори блиски до неговото семејство, подготовките за погребот се веќе направени, но засега не е познат точниот датум.
Спирова С. | Црнобело