Селена Гомез откри дека не може да остане бремена: „Премногу би било ризично за мене и за бебето, долго тагував“
- Детали
- вторник, 10 септември 2024
Во ново интервју, Селена Гомез откри дека поради компликациите со лупус и лековите за биполарното нарушување, би било премногу ризично да остане бремена. Неколку дена пред интервјуто, пак, таа беше прогласена за милијардерка.
Во ново интервју, Селена Гомез откри дека не може да има деца бидејќи бременоста би била премногу ризична за нејзиното здравје.
Досега, Селена многупати има зборувано за нејзината здравствени проблеми, како дијагнозата со биполарно нарушување и компликациите од болеста лупус која ѝ беше дијагностицирана во 2015 година.
„Досега не сум го кажала ова… но, за жал, не можам да имам свои деца.
Имам многу проблеми со здравјето кои можат да бидат опасни за мојот и животот на бебето.
Долго тагував за ова“, вели 32-годишната пејачка во интервју за Vanity Fair.
„Но, сега се чувствувам подобро во врска со ова. Благослов е што постои сурогат мајчинство или посвојување – две работи кои се можност за мене.
Благодарна сум што има избор за оние кои многу сакаат да бидат мајки – и јас сум една од нив…
Едвај чекам да видам како ќе изгледа моето патување, иако знам дека ќе изгледа поразлично (од патувањето на другите).
Но, на крај, не ми е гајле. Тоа дете ќе биде мое“, додава пејачката.
Селена и претходно има зборувано за желбата да стане мајка.
Пред две години, пејачката изрази загриженост за влијанието на лековите за биполарното нарушување, односно била свесна дека можеби ќе влијаат врз желбата да роди дете.
Имено, лековите за биполарно нарушување може да создадат проблеми, како пречки во развојот на детето.
Во новото интервју, Селена зборуваше и за нејзиниот дечко – Бени Бланко – со кого е неразделна повеќе од една година.
„Никогаш никој не ме сакал вака… Тој е светлина во мојот живот. Тој ми е најдобар пријател“.
Според извори блиски до пејачката, таа одлучила да зборува за неможноста да остане бремена бидејќи јавноста честопати ја споредува нејзината врска со онаа на Џастин и Хејли Бибер.
Откако Џастин и Хејли добија дете, на Селена ѝ било „преку глава“ што постојано се шпекулира дали и таа ќе го следи примерот на бившиот и ќе стане мајка.
„Одеднаш почна да чувствува притисок од јавноста да се венча и да има дете.
Таа ја најде љубовта на својот живот, но секојпат кога ќе изеде еден хамбургер повеќе, луѓето шпекулираат дека е бремена“, вели извор за Daily Mail.
Инаку, ден-два пред да биде објавено новото интервју, Селена беше прогласена за милијардерка - нејзиното богатство денес се проценува на 1,3 милијарди долари.
Покрај успешната музичка кариера, голем дел од парите Селена заработила со нејзиниот бренд за шминки – Rare Beauty – кој постои на пазарот од 2020 година.
Спирова С. | Црнобело