Актерката од „The Shining“ почина на 75-годишна возраст: „Премногу страдаше, сега конечно е слободна“
- Детали
- петок, 12 јули 2024
Шели Дувал која се прослави со улогата во The Shining почина поради компликации од дијабетес. Веста ја потврди нејзиниот партнер, кој неодамна отрки дека во последно време имала проблеми и со физичкото, и со менталното здравје.
Актерката Шели Дувал, најпозната по улогата во ремек-делото на Кјубрик – The Shining – почина вчера (11.07), само неколку денови откако го прослави 75-тиот роденден.
За светските медиуми, веста ја потврди нејзиниот партнер Дан Гилрој:
„Мојата драга, прекрасна животна партнерка нè напушти.
Премногу страдаше во последно време, сега е слободна. Одлетај, убава Шели“.
Актерката починала во својот дом во Тексас, поради компликации од дијабетес.
Шели се повлече од филмската индустрија во 2002 година, а дотогаш се имаше појавено во неколку култни филмови.
Покрај The Shining, таа ја глумеше Олива во филмот Popeye од 1980-та, а имаше улоги и во Annie Hall и McCabe & Mrs. Miller.
Подоцна актерката изјави дека има проблеми со менталното здравје и дека била „повредена“ од филмската индустрија.
Во јавност, пак, до денес се зборува за лошиот третман што го добила од режисерот Стенли Кјубрик за време на снимањето на The Shining.
Имено, режисерот е познат како перфекционист и барал сцените да се преснимуваат и по стопати.
А, за да ја натера Шели подобро да се соживее со улогата, постојано ѝ вршел притисок и таа постојано била под стрес.
Наводно, поради овој филм, на актерката почнала да ѝ паѓа и косата.
Во 2023 година, Шели имаше мала улога во филмот The Forest Hill, а тој период откри дека веќе 20 години живее едноставен живот во Тексас.
Последното интервју го даде во април, каде што зборуваше за одлуката да се повлече од јавност.
„Бев ѕвезда, имав главни улоги. Луѓето мислат дека се повлеков поради возраста, но не е точно. Причината е насилство“.
Сепак, актерката не откри за какво насилство станува збор.
Таа додаде дека многупати преспивала во нејзиниот автомобил, како и дека чува фотографии од холивудските денови во кутија за чевли и повремено ги гледала.
Во интервјуто, Шели постојано ја менува темата на разговор и често спомнува текстови од песни, поради што јавноста се загрижи за нејзиното ментално здравје.
Подоцна, нејзиниот партнер, со кого е во врска од 1989-та, изјави дека состојбата ѝ се влошувала.
„Станува параноична и некогаш нема допир со реалноста.
Некогаш мисли дека ја напаѓаат, па дури ѝ се јавува на ФБИ за помош“.
Шели се пресели во Тексас во 1994 година, откако нејзината куќа во Лос Анџелес беше уништена од земјотрес.
Но, тој период почнало да ѝ се влошува менталното здравје.
За нејзината смрт се огласи и режисерот на последниот филм во којшто се појави:
„Шели зад себе остава големо наследство и ќе им недостасува на многу луѓе, вклучувајќи ме и мене.
Многу сум горд на неа што повторно се појави во филм и засекогаш ќе ѝ бидам благодарен за пријателството и добрината“.
Погледнете и: Ѝ паѓала косата поради режисерот кој ја малтретирал, мисли дека измислен лик сака да ја убие – трагичната приказна на актерката Шели Дувал
Спирова С. | Црнобело