Холивудски актери кои биле без „скршен денар“ кога ја добиле улогата што ги прослави
- Детали
- недела, 19 мај 2024
Шарлиз Терон безуспешно пробувала да кешира чек од ангажман како модел, кога ја забележал талент за агенти и ѝ понудил улога во филм.
Добро познат факт е дека во Холивуд владее непотизмот и бројни актери (но и режисери, продуценти и слично) потекнуваат од моќни семејства.
На пример, Николас Кеј потекнува од можеби највлијателното семејство во Холивуд – Копола.
Таткото на Анџелина Џоли, пак, е актерот Џон Војт, додека Дакота Џонсон е ќерка на Мелани Грифит.
Но, голем дел од најпознатите актери почнале од нула и биле „без скршен денар“ кога ја добиле улогата што ги пробила во индустријата.
Што велат дел од овие актери за улогите кои, на некој начин, им го спасиле животот?
Крис Пајн
Пред да се појави во второто продолжение од The Princess Diaries, актерот Крис Пан не само што немал пари, туку бил задолжен 400 долари.
Додека се двоумел дали да побара пари од неговите родители, ја добил улогата во филмот и заработил 65.000 долари.
„Се чувствував како да сум заработил 50 милиони… Беше среде лето и зборував на телефон со агент кој ми кажа дека сум ја добил улогата.
Ми рече дека ќе ми платат 65.000 долари. Се сеќавам дека во тој момент, сфатив дека животот ми се промени“.
Шарлиз Терон
Агент за таленти ја забележал Шарлиз Терон додека таа се обидувала да искешира чек што го добила од ангажман како модел.
Но, во банката не сакале да ѝ го кешираат чекот, па таа почнала да се расправа со вработените.
„Банката не сакаше да ми го прифати чекот, а мене многу ми требаа тие пари“, има изјавено таа.
Кога се преселила во Холивуд, Шарлиз имала 18 години, а со себе имала едвај 400 долари.
И, додека да биде забележана од агентот, едвај преживувала од малкуте ангажмани како модел.
„Молев и молев во банката, кога дојде еден господин и понуди да ми помогне… Тогаш не бев свесна дека тој ќе ми стане менаџер“.
Силвестер Сталоне
Пред да го продаде неговото сценарио за Rocky (и да ја добие улогата во филмот), актерот морал да го продаде своето куче за да си купи храна.
„Го продадов кучето за 40 долари пред супермаркет бидејќи немав пари. Откако бев платен за филмот, го побарав кучето за повторно да си го купам.
Мажот на којшто му го продадов знаеше дека сум очаен за да го вратам и ми наплати 15.000 долари. За моето куче, вредеше секој цент што го платив!“
Ричард Маден
Ѕвездата од Game of Thrones вели дека живеел со едвај пет долари дневно пред да ја добие улогата во серијата.
Истакнува дека многупати се двоумел дали да си купи оброк, а кога му се јавиле за улогата, веќе немал пари за кирија.
„Ми се јави агентот да ми каже дека сум ја добил улогата, што беше одлично. Но, морав да прашам дали ќе ми платат нешто однапред за да го поминам следниот месец“.
Актерот вели дека доколку не ја добиел улогата, планирал да се откаже од желбата да стане актер и да се врати во домот на неговите родители.
Мет Лебланк
Актерот кој се прослави со хит серијата Friends имал само 11 долари на сметка кога ја добил улогата.
„Беше навистина стресно. Бидејќи, во тој миг, дури и да си најдев некоја друга работа, ќе ги потрошев 11-те долари додека да ја добиев првата плата. Веројатно ќе гладував“.
Откако серијата се прослави, актерите, вклучувајќи го и Мет, добиваа по околу 22.000 долари од епизода, а подоцна се изборија за поголема плата – 1 милион од епизода.
Спирова С. | Црнобело