Обожавател ја тужи Мадона: „Симулира секс на сцена, не платив за порно филм во претопла сала, туку за концерт“
- Детали
- петок, 31 мај 2024
Обожавател кој бил на концерт на Мадона одлучил да ја тужи пејачката бидејќи во голема мера, настапот наликувал на сцена од порно филм. Тој истакнува дека никаде немало предупредување за експлицитните кореографии.
Експлицитните фотки на 65-годишната Мадона веќе станаа препознатливи, а пејачката доста често провоцира и додека настапува.
Мадона честопати е критикувана за настапите на кои симулира секс, како и за разголените фотки кои многумина ги опишуваат како невкусни.
Сега, пак, обожавател решил да ја тужи пејачката, бидејќи, како што вели, на нејзин концерт се чувствувал како да е присилен да гледа порнографски филм.
Имено, обожавателот чие име е Џастен Липлс бил на концерт на Мадона во Калифорнија во март.
Покрај тоа што пејачката задоцнила час и половина, во концертната сала било премногу жешко бидејќи таа побарала да се исклучи климата.
Кога публиката почнала да негодува, Мадона наводно им рекла да се соблечат доколку им е жешко.
Џастен истакнува дека најлошиот дел бил што во голем дел од концертот, на сцената имало жени со разголени гради кои симулирале секс.
„Тоа што ги присилува да чекаат со часови во жешка арена и ги присилува да гледаат порнографија без предупредување покажува дека Мадона не ги почитува нејзините фанови“, вели обожавателот за американскиот медиум The Blast.
Тој истакнува дека Мадона лажно го рекламирала својот концерт и никаде не било наведено дека фановите ќе треба да гледаат нешто што наликува на сцена од филм за возрасни.
Џастен поднел и тужба против пејачката.
А, ова не е првпат Мадона да се соочи со тужба од нејзините фанови.
Таа веќе се соочува со две тужби поради нејзиното доцнење на концерти – на некои настапи, доцнела и по неколку часа.
Покрај тоа, бројни фанови забележале дека таа не пее во живо како што се очекува на концерт, туку користи плејбек.
Мадона се огласи за една од тужбите, а изјавата на нејзиниот портпарол дополнително ги разгневи фановите:
„Ниту една личност која оди на концерт – особено не обожавател на Мадона – не треба да очекува главниот артист да се качи на сцената точно навреме“.
Според некој извор, со последната тужба за провокативниот настап, Мадона можно е веќе да заврши и на суд.
Ова не е првпат Мадона да ги разгневи фановите со експлицитните настапи.
Таа редовно се разголува на сцена, се бакнува со танчарите, изведува стриптиз…
Спирова С. | Црнобело