Велат дека се срами од неа, а тој ја возвишува пред сите – Љубовната приказна на Килијан Марфи и неговата сопруга
- Детали
- четврток, 14 март 2024
По улогата во хит-серијата Peaky Blinders и главната улога во филмот Oppenheimer за која заработи и Оскар, Килијан Марфи во моментов е еден од најпрепознатливите актери во светот.
Зад сцената Килијан е повлечен и семеен човек кој е максимално посветен на семејството и сопругата, а тоа беше видливо и за време на доделувањето на Оскарите, кога неговата сопруга Ивон Мекгинис и неговите синови му беа најголема поддршка и навиваа за него.
Нежниот бакнеж, што тој го размени со сопругата пред да се качи на сцената и да ја земе наградата за најдобра машка улога и говорот во кој ѝ се заблагодари, вирално се пренесуваа на сите социјални мрежи.
Тој упати емотивна порака до Ивон, но и до синовите Малакај (18) и Аран (16):
„Сакам да се заблагодарам на мојот неверојатен тим. Ивон Мекгинис, мојата партнерка во животот и во уметноста, моите момчиња Малакај и Аран кои седат тука. Ве сакам премногу и јас сум најгордиот Ирец вечерва овде. Ова е навистина, навистина важна награда за мене“ – рече Килијан.
Со оглед на тоа што Килијан и неговата сопруга ретко се појавуваа заедно во јавност, претходно имаше коментари дека тој се срами од неа и не сака да ја покаже, но видеата од Оскарите беа доказ дека нивната љубов е вистинска и дека сопругата е таа што му ја дава најголемата поддршка во кариерата.
Што знаеме за Килијан Марфи и Ивон?
Во продолжение проследете неколку интересни факти за нивната љубовна приказна:
Сопругата на Килијан Марфи, Ивон Мекгинис е ирска уметница и визажистка. Тие двајца се запознале во 1996-та година кога тој бил на почетокот на својата кариера и бил на турнеја со претставата Disco Pigs.
„Тој период додека работевме на Disco Pigs, беше најважниот период во мојот живот.
Луѓето што ги запознав тогаш сè уште ми се најблиски пријатели.
Тие ми помогнаа за да ги оформам сопствените вкусови, во смисла на тоа што го сакам од животот. И во тоа време ја запознав и сопругата“ – рече Килијан во едно интервју.
Набрзо по запознавањето, Ивон заминала на турнеја заедно со Килијан и неговите колеги, каде нивната љубов целосно се развила.
Во 2001-ва година Килијан ќе ја следи сопругата и од Даблин заедно ќе се преселат во Лондон, со цел таа да може да го продолжи своето образование на Кралскиот колеџ за уметност.
Познато е дека Килијан и Ивон се венчале во 2004-та година. Иако нема премногу податоци за нивната свадба, се знае дека тие двајца одлучиле судбоносното „Да“ да го кажат на приватна церемонија, во винаријата на татко ѝ на Ивон во Франција.
Во 2005-та година парот го добил синот Малакај, а во 2007-ма година синот Аран.
Децата ретко се појавуваа во јавност сè до доделувањето на Оскарите годинава, кога на црвениот тепих зачекорија гордо зад својот татко и му дадоа поддршка.
Иако имаше и голем број други значајни улоги, во 2014-та година Килијан почна да се искачува на врвот на својата слава со улогата во серијата Peaky Blinders.
Токму во тој период, тој за првпат даде изјава во која појасни зошто се труди својот приватен живот да го сочува подалеку од очите на јавноста:
„Патувам со автобус, патувам со метро. Одам во маркет и купувам млеко и правам сè друго што е нормално. Би мразел кога тоа би станало невозможно. Како актер треба да играш реални луѓе, па затоа е важно да живееш како нормална личност“ – рече тој.