Приказната на актерот Родриго Санторо: Доби благослов од папата за улогата на Исус, го нарекуваат бразилскиот Том Круз
- Детали
- сабота, 18 ноември 2023
Несудениот новинар, Родриго Санторо, денес е еден од најпопуларните бразилски актери во светот. Има 48 години, изгледа одлично, а жените и понатаму лудуваат по него. Што знаеме за ѕвездата од Love Actually, Lost и Westworld?
Можеби името Родриго Санторо не ви е познато „на прва“, но нема некој што не го памети по улогите во филмовите Love Actually и 300, или сериите Lost и Westworld. Со својот детски лик, заводливата насмевка и мил поглед, Санторо е миленик на жените.
Тој одамна не е ѕвезда само во родниот Бразил, туку ширум светот.
Кој е Родриго Санторо?
Роден е во 1975 година во Бразил, во семејство на бразилски уметник со португалско потекло и италијански инженер.
Голем дел од детството поминал на фармата на својот дедо, каде што научил да лови риба, па едно време сонувал да биде професионален риболовец.
Рано сфатил дека тоа сепак не е професија за него, и се запишал на студии по новинарство.
Но, ни тоа не го влечело, па се префрлил во приватната школа за филм Rede Globo Studio, која, освен што дава часови на млади талентирани актери, истовремено снима и серии во Бразил.
Својата прва улога ја имал во 1993 година, во серијата Eye to Eye, по што следувале уште неколку помали проекти.
Но, кога добил улога во теленовелата Worrying Heart во 1995 година, медиумите почнале да го нарекуваат „бразилскиот Том Круз“.
Првата главна филмска улога му била во филмот The Seven-Headed Beast. Ја одиграл толку умешно, што освоил дури 9 награди во Бразил.
„Не чувствувам дека сум подобар актер поради наградите, но тие дефинитивно ме мотивираат да бидам подобар и подобар во иднина“, изјавил тој.
Санторо неколкупати нагласил дека не сака да глуми површни ликови, туку луѓе кои страдаат и кои ги мачи внатрешен конфликт и дека токму таа е причината што ја прифатил улогата во The Seven-Headed Beast, бидејќи го расплакала додека го читал сценариото.
Во 2003 година, актерот го снимил својот прв филм на англиски јазик, The Roman Spring of Mrs. Stone, а брзо потоа добил улога и во Charlie's Angels: Full Throttle.
Истата година излезе и филмот Love Actually, кој 20 години подоцна важи за еден од најпопуларните божиќни филмови, а Санторо глуми заедно со Хју Грант, Колин Фирт, Лиам Нисон, Кира Најтли, Ема Томсон и многу други светски ѕвезди.
Иако веќе не снима филмови во Бразил, каде и да се појави во родната земја, луѓе му бараат автограми и сакаат да се фотографираат со него.
„Јас и понатаму живеам едноставен живот. Одам во кино, во театар, пазарам во супермаркети. Знам дека јавноста ја интересира мојот приватен живот, но иако објавувам фотки со семејството, не сакам да зборувам многу за тоа“, кажа во едно интервју.