Раперот 50 Cent удри жена во публика со микрофон - вознемирувачки фотографии од нејзините повреди
- Детали
- петок, 01 септември 2023
Радио водителка која присуствувала на концерт на 50 Cent во Лос Анџелес била удрена со микрофон во главата од раперот. На фотките направени во болница, лицето ѝ е облеано со крв, а се гледа и дека има дупка на челото. Водителката тврди дека била намерно нападната, додека адвокатот на раперот го негира ова.
Во средата (30.08), познатиот рапер 50 Cent настапуваше во Лос Анџелес, а концертот заврши со инцидент.
На вирално ТикТок видео се гледа како раперот фрла микрофон кон публиката. Корисникот што го споделил видеото го избришал, но достапно е на некои медиуми, како Daily Mail.
По ова, на раперот му бил даден уште еден микрофон, но го фрлил и овој бидејќи наводно не функционирал како што треба.
На видеото не се гледа каде „слетува“ микрофонот, но според присутните, раперот удрил радио водителка во главата.
Водителката Бријана Монегејн завршила со сериозни повреди.
На фотки објавени од TMZ се гледа дека девојката има дупка на челото, а целото лице ѝ е облеано со крв.
На друга фотка, Бријана ја покажува нејзината рака која исто така е облеана со крв, а на крај има и фотка на која главата ѝ е преврзана.
Водителката поднела тужба против раперот кој сега е под истрага. Но, во изјава за Daily Mail, неговиот адвокат тврди дека не ја удрил намерно.
„Да разјаснам, ѝ кажав на полицијата дека мојот клиент никогаш не би удрил некој со микрофон намерно. Секој кој кажува нешто друго ги нема сите факти и не е доволно информиран“.
Сепак, од полицијата изјавиле дека новинарката тврдела дека раперот ја нападнал намерно.
„Тој го фрли микрофонот и ја погоди жртвата. Ја гледал директно во очи пред да го фрли микрофонот“.
Друг извор, пак, вели дека новинарката се наоѓала во област пред бината која била забранета за пристап.
Самиот 50 Cent сè уште се нема огласено за инцидентот и не е познато дали ќе добие некаква казна.
Видеото споделено на Daily Mail:
Спирова С. | Црнобело