Ја викнал во домот, па сакал да ја претепа - Мрачниот однос на Шинед О'Конор и Принц
- Детали
- сабота, 05 август 2023
„Дали некогаш сум го сретнала Принц? Да и воопшто не се согласувавме. Воопшто. Таа средба стана насилна“ – раскажуваше Шинед О’Конор. Како изгледала првата средба со музичарот чија песна (Nothing Compares 2 U) ѝ донесе светска слава и зошто пејачката воопшто немаше високо мислење за него?
Целиот свет беше затекнат по веста за прераната смрт на ирската пејачка Шинед О’Конор која почина на 26-ти јули годинава, на возраст од 56 години, а која се прослави со легендарната преработка на песната на Принц, Nothing Compares 2 U.
Пејачката привлекуваше внимание со своето контроверзно однесување, со тоа што отворено зборуваше за своите проблеми со менталното здравје и обидите за самоубиство, како и со менувањето на ставовите кон религијата…
Иако стекна светска слава благодарение на песната на Принц, Шинед низ годините зборуваше и за нивните нарушени односи, но и за отворениот конфликт што тие двајца го имале.
Пејачката веќе имала успех со својот прв албум, The Lion and the Cobra, објавен во 1987-ма година, но во вториот албум, по препорака на нејзиниот менаџер таа ја вклучила и обработката на песната на Принц Nothing Compares 2 U.
Шинед и Принц воопшто не се познавале пред да биде објавена нејзината обработка на песната, а потоа односот меѓу нив не бил добар.
Како и за сѐ друго, така и за нејзиниот однос со Принц, Шинед често ги менуваше изјавите, па така според првата верзија, таа рече дека била во домот на Принц каде неговиот батлер сосила ја терал да јаде супа, а потоа пејачот ја предизвикал на дуел со перници во неговата соба, но во перницата имал скриено тврд објект и сакал да ја повреди.
Во 2004-та година го промени мислењето, па рече дека Принц е симпатичен човек и дека нејзината изјава била преувеличена од страна на медиумите.