Една година тагуваше по синот што се самоуби – Шинед О’ Конор почина на 56 години
- Детали
- среда, 26 јули 2023
„Тој беше љубовта на мојот живот, светлината на мојата душа. Изгубена сум без него“ – напиша во својот последен твит пејачката Шинед О’ Конор, а му го посвети на синот Шејн кој во јануари 2022-ра година се самоуби на 17-годишна возраст.
Една од најпознатите ирски пејачки Шинед О'Конор почина на 56-годишна возраст. Веста за нејзината смрт денес (26.07) ја потврдија членовите на семејството кои порачаа:
„Со голема жал соопштуваме дека нашата сакана Шинед не е повеќе со нас. Нејзиното семејство и пријатели се скршени од веста и бараат да им се почитува приватноста во овој тежок период“.
Пејачката е најпозната по огромниот хит од 1990-та година Nothing Compares 2 U. Таа со години отворено зборуваше за проблемите со своето ментално здравје.
Нејзината смрт следува само една година откако нејзиниот 17-годишен син Шејн си го одзеде животот откако побегна од болница каде беше под надзор заради суицидни намери.
Во 2018-та година пејачката го прифати исламот како религија и го промени името во Шухада Садакат, а последната година ја минуваше на релација Роскомон, Ирска и Лондон.
Во нејзиниот последен твит таа објави фотографија од синот Шејн и до неа напиша:
„Живеам како бесмртно ноќно суштество по тебе. Тој беше љубовта на мојот живот, светлината на мојата душа. Ние бевме една душа поделена на две половини. Тој беше единствената личност што некогаш ме сакала безусловно. Изгубена сум без него“...
Освен на Шејн, Шинед беше мајка на уште 3 деца: Џејк Рејнолдс (36), Розин Ватерс (27) и на Шешуа Бонадио (17).
Б. С. Б. | Црнобело