„Им даваш лош пример на жените“ – писмото на Шинед О’Конор до Мајли Сајрус + Која е причината за смртта на пејачката?
- Детали
- петок, 28 јули 2023
„На музичката индустрија не ѝ е гајле за тебе, или за кој било од нас. Тие ќе те проституираат сѐ додека им носиш пари и ќе те убедуваат дека тоа ти го сакаш“ – ѝ порача Шинед О’Конор на Мајли Сајрус во 2013-та година. Што кажа полицијата за нејзината смрт и зошто пејачката беше навредена кога Мајли рече дека таа ѝ била инспирација да се појави гола во спот?
Ирската пејачка Шинед О’Конор почина во средата (26.07), а светските медиуми се преплавени со нови информации за неа, нејзината смрт, но и за најинтересните мигови од нејзината кариера.
Според официјалните податоци од полицијата, Шинед била пронајдена мртва во нејзиниот дом во Лондон, во средата во 11 часот наутро.
Според официјалниот полициски извештај нејзината смрт не се смета за сомнителна, а ќе биде извршена аутопсија со цел да се открие што навистина се случило.
Инаку, ќе бидат потребни неколку недели за да бидат готови резултатите од аутопсијата.
Се знае дека Шинед со години наназад отворено зборуваше за проблемите со менталното здравје, а повеќепати се обидела да посегне по сопствениот живот.
Пејачката по смртта на 17-годишниот син Шејн во 2022-ра година постојано се огласуваше на социјалните мрежи и отворено зборуваше за тоа дека е скршена од болка по загубата, а дел од нејзините соседи тврдат дека во последните денови пред смртта пејачката била насмеана и добро расположена.
„Ја видов пред 2 недели. Ми изгледаше среќно и се смееше додека ми мавташе. Беше со еден пријател и ми кажа дека ќе оди во Брикстон со пријател од Ирска“ – вели еден од соседите за Daily Mail.
Нејзиниот пријател Дејв Фанинг откри дека таа никогаш не ја сакала славата, а во подолга статија за Daily Mail откри повеќе детали за нејзината кариера, но и за тоа како настанал нејзиниот изглед во спотот Nothing Compares 2 U.
„Нејзината продуцентска куќа ѝ рече: 'Мора да ја навиткаш косата и да носиш фустан'. Таа на снимањето на спотот дојде со избричена глава и војнички чизми“ – раскажува тој.
Ако се знае овој податок, тогаш станува сосема јасно зошто пејачката беше навредена кога Мајли Сајрусс рече дека од неа ја добила инспирацијата да се разголува во спотови.
Во 2013-та година, Мајли Сајрус ја објави песната Wrecking Ball, а во изјава за магазинот Rolling Stone рече дека спотот за песната кој е исполнет со голотија бил инспириран од песната на Шинед О’Конор Notnihg Compares 2 U.
Шинед не беше импресионирана од споредбата, па на својот веб-сајт напиша подолго писмо упатено до пејачката во кое „како мајка ѝ сподели неколку совети“.