Полицијата сѐ уште трага по убиецот на Тупак Шакур, други веруваат дека уште е жив – Смртта на раперот и по 27 години е мистерија
- Детали
- сабота, 22 јули 2023
Во 2018-та година, поранешен член на банда откри кој бил убиецот на Тупак, а полицијата деновиве изврши претрес во неговиот дом. Полицијата сѐ уште трага по човекот што пукал во Тупак во 1996-та, а други тврдат дека раперот ја исценирал својата смрт – Што знаеме за мистериозниот крај на еден од најпознатите рапери?
Денес речиси и да не постои човек што не слушнал за хип-хоп легендата Тупак Шакур и за неговото убиство во 90-тите години.
На 17-ти јули годинава, полицијата во Лос Анџелес изврши претрес во куќа за да најде доказен материјал поврзан со трагичната смрт на раперот.
Според информациите објавени во дел од светските медиуми, полицијата направила претрес во домот на сопругата на Киф Ди, поранешен член на бандата Southside Crips, кој тврдеше дека бил во автомобилот од кој е пукано на раперот.
Од неговиот дом се одземени повеќе компјутери и лаптопи и исечоци од медиумите поврзани со Тупак и неговата смрт.
Смртта на раперот со години е вистинска мистерија и за неа се шират повеќе гласини и теории на заговор.
Што е она што го знаеме за трагичниот крај на хип-хоп легендата?
Раперот кој ќе остане запомнет по голем број хитови од 90-тите години беше застрелан на 7-ми септември 1996-та година во Лас Вегас.
Инцидентот се случил вечерта околу 11 часот, кога 25-годишниот рапер си одел од бокс меч на Мајк Тајсон во MGM Grand Hotel and Casino.
Тој во автомобилот бил заедно со Шуг Најт, негов пријател и извршен директор на продуцентската куќа Death Row Records, кога бел автомобил им се приближил и од задната врата некој почнал да пука со огнено оружје кон нив.
Тупак се здобил со 4 прострелни рани, од кои една во пределот на градите, по што веднаш бил пренесен во болница, каде починал 6 дена подоцна. Тие што биле со него во неговите последни денови, тврдат дека пејачот знаел кој е човекот што пукал во него.
За смртта на Тупак имаше повеќе осомничени. Меѓу првите беше раперот Notorious BIG или Biggie, како што многумина го знаат.
Во тоа време Тупак потпишал договор со продуцентската куќа Death Row од Западното Крајбрежје (West Coast на Шуг Најт) која била во конкуренција со продуцентската куќа која стоеше зад Biggie (Bad Boy Records на Пи Диди) од Источното Крајбрежје на САД.
Во тој период двете продуцентски куќи беа во меѓусебна „војна“ па јавно се навредуваа преку текстовите во песните на нивните изведувачи.
Три месеци пред својата смрт, Тупак ја објави песната „Hit ‘Em Up“, во која тврдеше дека имал секс со поранешната сопруга на Biggie.
Но, Biggie тврдеше дека тој не го застрелал Тупак и неговото алиби беше дека вечерта кога раперот бил убиен, снимал песни во студиото. Само 6 месеци подоцна и тој беше застрелан на сличен начин како Тупак.
Според некои гласини, Biggie бил убиен во знак на одмазда за убиството на Тупак.
Меѓу осомничените беше и продуцентот на Тупак, (Марион) Шуг Најт кој беше во автомобилот во моментот кога раперот беше застрелан.
Шпекулациите почнаа да кружат по смртта на Biggie и многумина веруваа дека Најт го убил Тупак затоа што раперот сакал да си замине од неговата продуцентска куќа и да отвори своја, а потоа го застрелал и Biggie со цел да го оттргне вниманието од себе.