„Окото ми беше испакнато, внук ми ме гледаше облеан во крв“: Џереми Ренер отворено за несреќата што речиси го уби
- Детали
- вторник, 11 април 2023
„Во разговор со семејството сфатив дека сум многу повреден - ми изгледаше како погреб со отворен ковчег, а јас бев свесен за сето тоа“ - Во интервју со Џими Кимел, актерот Џереми Ренер открива дека машината за расчистување снег што го згмечила, му скршила над 30 коски, како и дека едното око му било испакнато од ударот. И покрај критичната состојба, тој истакнува дека бил среќен бидејќи не настрадал ниту еден витален орган или пршлен.
На 1-ви јануари годинава, актерот Џереми Ренер, најпознат по улогата во филмовите на Marvel, доживеа несреќа во која речиси го загуби животот. Неодамна, тој изјави дека несреќата е негова вина и си ја платил цената за тоа.
Џереми возел камион за расчистување снег. Но, камионот почнал да се лизга од мразот, па актерот, исплашен за безбедноста на неговиот внук кој бил во близина, излегол од кабината без да го паркира. Изгубил рамнотежа и паднал.
Повторно исплашен за неговиот внук, пробал да се врaти во кабината за да го запре возилото. Но, не успеал, повторно паднал, по што камионот го прегазил.
Актерот, пробувајќи да го спаси неговиот внук, буквално беше згмечен од камионот тежок над шест тони.
Џереми се здоби со тешки повреди, вклучувајќи над 35 скршени коски и неколку денови беше неизвесно дали воопшто ќе преживее.
Три месеци подоцна, актерот сè уште закрепнува и се движи со помош на бастун, но вели дека сега се чувствува многу подобро.
Сега, актерот се отвори за несреќата во популарното шоу на Џими Кимел.
„Постојано откривавме нови скршени коски. Прво бев критичен случај, па приоритетен, за на крај да се прашуваат дали ќе умрам или не“, вели Џереми за повредите.
Во интервјуто актерот истакнува дека имал огромна среќа што машината не оштетила некои витални органи.
„Тоа е огромен метал. И, некако ги испушти сите пршлени, не погоди ниту еден орган. Едното око ми беше испакнато, тоа беше чудно. Но, бев многу среќен што ниту еден орган не се оштети“.
Во неколку објави на социјалните мрежи, Џереми сподели дека е сосема возможно закрепнувањето да трае неколку години, а откри и дека му биле направени повеќе операции.
Како што спомнавме, актерот само се обидувал да го заштити неговиот внук Алекс. Притоа, бил загрижен што внук му го видел во ужасна состојба мигови по несреќата.
„Морав да мислам на Алекс, бидејќи тој беше таму цело време, а неговиот чичко Џереми беше на земјата. Јас не видов ништо од ова, но крвта и испакнатото око… Морав да ја согледам неговата перспектива“.
Во интервјуто, Џими Кимел покажа и фотографија од актерот од првите денови во болницата.
На фотографијата тој е без свест и е приклучен на машини.
„Најверојатно мајка ми ја направила фотографијата. Целото семејство беше покрај мене“.
Актерот откри дека по несреќата биле потребни околу 45 минути за да стигне брза помош, а тој бил свесен овој период.
„Штом ме качија во хеликоптерот за да ме носат во болница, ми забија нешто во градите – не знам што беше. Тогаш си помислив дека морам да заспијам“.
Актерот истакна и дека луѓето кои му помогнале навистина го дале најдоброто од себе, без разлика што изгледало како да нема шанси да преживее.
Џереми вели и дека сфатил колку е критична неговата состојба додека разговарал со саканите.
„Тогаш сфатив дека сум во лоша состојба – дека сум многу повреден. Ми изгледаше како погреб со отворен ковчег, а јас бев свесен за сето тоа“.
Покрај семејството, во посета дошле и колегите од филмовите на Marvel, а Џереми споделува дека не можеле да ја скријат нивната загриженост.
„Ужасни актери се, не можеа да го скријат фактот дека изгледав ужасно“, додава тој на шега.
Џереми е оптимист, па се шегува дека ако ништо друго, несреќата му помогнала да си оствари некои новогодишни цели.
„Правев многу планови. Сакав да купам брод. Сакав да живеам во Мексико. Имав многу планови, сè до несреќата.
Но, ова беше исто како некоја новогодишна цел – ослабев 10 килограми и престанав да пушам – толку беше лесно! Ова е најлесниот начин да се откажете од цигарите!“
Спирова С. | Црнобело