Предновогодишна донација за Одделот за психофизиологија при Универзитетската клиника за детски болести
- Детали
- понеделник, 30 декември 2024
Одделот за психофизиологија при Универзитетската клиника за детски болести денеска доби донација од Финмак. Донацијата вклучува новогодишни пакетчиња за сите дечиња кои се третираат на одделот, играчки и материјали за доопремување на капацитетите на одделот.
Оваа донација е насочена кон поддршка на грижата на околу 1000 деца кои преку годината имаат потреба од услугите кои се даваат на одделот, особено за околу 30-тина деца со аутизам и други развојни предизвици, кои секојдневно примаат третмани на одделот.
Одделот за психофизиологија е клучен за дијагностика и третман на деца со акутни и хронични болести, а оваа донација ќе помогне во создавање на поддржувачка и пријатна средина за децата како и зајакнување на капацитетите и заложбите на одделот да третира деца со холистички пристап, опфаќајќи ги нивните медицински и психолошки потреби во поддржувачка и емпатична средина.
„Нашата искрена благодарност за оваа донација бидејќи сме сигурни дека не само што ќе донесе радост на децата, туку ќе ги подобри и нивната искуства при третманот. Играчките, подароците и опремата значително ќе ни помогнат да продолжиме со обезбедување на комплетна грижа за дечињата со различни развојни предизвици кои се лекуваат на нашиот оддел.“ – изјави Д-р спец. Реџеп Мемеди, Директор на Универзитетската клиника за детски болести
„Среќни сме што со нашиот искрен придонес денеска гледаме толку искрени насмевки. Од мое лично име и од името на целиот Финмак тим - почестени сме што можеме да бидеме дел од една благородна мисија со која заедно создаваме подобра иднина за сите нас, особено за најмладите. Оваа донација е само еден од начините преку кои ја покажуваме нашата одговорност кон општеството и претставува обврска не само за нас, туку за сите чинители во општеството – изјави Дарко Стојановски, главен оперативен директор на Финмак.