Што се случува при експлозија на нуклеарна бомба и може ли да се преживее?
Нуклеарните бомби се можеби најразорното оружје направено од човекот и во секунда можат да убијат илјадници луѓе. Па, не е ни чудно што сите „нè лазат“ морници од помислата на нуклеарна војна.
Но, што точно се случува при експлозиите на нуклеарните бомби и кои се последиците?
Колку нуклеарни бомби се детонирани досега?
Од првото тестирање на нуклеарна бомба во 1945 година до денес се направени повеќе од 2.000 тестирања на вакви оружја.
Овие тестирања се изведуваат на територии оддалечени од населени места и се во контролирани услови. Досега неколку земји имаат направено тестови за нуклеарни бомби, од кои САД најмногу – околу 1.000.
Најголемата детонација на нуклеарна бомба е изведена од страна на Советскиот Сојуз во 1961 година.
Бомбата позната како „Цар“ првично требало да биде многу посилна, но откако научниците утврдиле дека последиците би можеле да бидат катастрофални, нејзиниот капацитет бил намален на 50 мегатони.
Споредба на големината на експлозиите од неколку нуклеарни бомби и нивната јачина во мегатони
За споредба, експлозијата на бомбата Цар била 3.800 пати посилна од бомбата детонирана во Хирошима за време на Втората светска војна.
Покрај тестовите, за жал, човештвото сведочело на две бомбардирања на населени места со нуклеарни бомби – Хирошима и Нагасаки во Јапонија за време на Втората светска Војна.
Пустошот од овие настани е одличен показател на разорната моќ на ова оружје. Иако до денес се дебатира за бројот на жртви, експертите сметаат дека експлозијата во Хирошима убила околу 140.000 луѓе, додека во Нагасаки – 74.000.
Единствените градби што ја издржале експлозијата во Нагасаки на 800m од нејзиниот центар - направени се од армиран бетон
Се претпоставува дека од радијацијата која е последица на овие експлозии, животот го изгубиле уште илјадници други луѓе кои првично ја преживеале експлозијата.
Па, како функционира ова оружје, што го прави толку застрашувачко и дали постои можност да се преживее нуклеарна експлозија?
Какви видови нуклеарни бомби има?
Постојат два „главни“ вида нуклеарни бомби – атомски и хидрогенски. Атомските бомби ја црпат енергијата од реакцијата позната како нуклеарна фисија, додека хидрогенските – од нуклеарна фузија.
Реплика на бомбата што била детонирана во Хирошима
Како функционираат нуклеарните бомби?
Како што напоменавме, нуклеарните бомби користат или фузијa или фисија, а за подобро да ги разберете овие реакции, треба да знаете нешто за составот на атомите.
Секој атом е составен од протони, неутрони и електрони. Во центарот на атомот се наоѓа јадрото каде што протоните и неутроните се сместени многу блиску едни до други. Електроните, пак, се движат околу јадрото во таканаречениот електронски облак.
Јадрата од протони и неутрони на повеќето елементи се генерално стабилни. Елементите чии јадра се нестабилни се нарекуваат и радиоактивни – нивното јадро постепено се распаѓа и испушта честички и зраци, сè додека не се стабилизира и не се претвори во стабилно јадро со друг атомски број (атомскиот број е всушност бројот на протони во јадрото).
Кога настанува фисија, атомското јадро со голема маса се расцепува на помали делови, односно полесни јадра. При оваа реакција некогаш се ослободуваат неутрони и фотони, како и голема количина енергија.
Фисијата се случува спонтано, но кај некои јадра може да биде и индуцирана. Кај некои елементи, како одредени изотопи на ураниум и плутониум, фисијата ослободува неутрони кои почнуваат верижна реакција и создаваат експлозија.
Фузијата е всушност обратна реакција од фисијата – кога се изложени на огромни температури и притисоци, некои полесни јадра можат да се спојат во потешко јадро, и притоа да ослободат многу енергија.
Накратко, ова се реакциите што ги користат нуклеарните оружја.
Што се случува за време на нуклеарна експлозија?
Постојат нуклеарни бомби со различна моќ, но за сите е јасно едно – ако сте во близина на местото на детонација, тоа значи сигурна смрт.
Ако на пример, станува збор за бомба со моќност приближна како на оние во Хирошима и Нагасаки, веднаш по детонацијата ќе се уништи сè во радиус од околу 800 метри, а околу 50% од луѓето во радиус од околу 3,2 километри нема да преживеат.
Во Хирошима, бомбата уништила речиси сè во радиус од 1,6 километри.
Причина за смртта ќе бидат високата температура, огромниот притисок што го ослободува бомбата, но и рушењето на градбите во тој радиус.
Оние кои се поблиску до центарот на експлозијата ќе се соочат со изгореници поради високите температури, а поради светлината што се ослободува, може да се јави и привремено слепило.
Штетата што би ја предизвикала нуклеарна бомба од 100 килотони - (бомбата во Хирошима имала околу 15 килотони, а онаа во Нагасаки околу 20)
Радијација по експлозијата
По самата експлозија, ослободената радијација е втората најголема закана од бомбата.
Радијацијата е најсилна веднаш по експлозијата, но добрите вести се дека потоа брзо се намалува. Радиусот на кој ќе се прошири радијацијата од експлозијата зависи од моќноста на бомбата.
Седум часа по експлозијата, радијацијата ќе биде намалена на 10% од првичното количество, а по 48 часа ќе се намали на 1%.
Но, исто така, по експозијата ќе има многу нуклеарен отпад – најчесто радиоактивни прашина и пепел – кои постепено ќе паѓаат на земјата и ќе предизвикаат радиоактивно загадување.
Оние кои ќе ја преживеат експлозијата, но потоа се изложени на овој нуклеарен, односно радиоактивен отпад, можат да се соочат со многу здравствени проблеми подоцна во животот.
Еколошки последици од детонацијата
Радиоактивниот отпад може да биде разнесен од ветрот и да ги загади почвата и водата, но и животните и растенијата што ги користиме за прехранување.
Ова може да го зголеми ризикот од разни болести, како рак, но и мутации и секакви нарушувања кај луѓето.
Радијацијата од нуклеарниот отпад може да трае со децении.
Но, според случајот во Хирошима и Нагасаки, со текот на времето радијацијата исчезнува – денес и двата града се безбедни за живеење и во нив нема опасно ниво на радијација.
Дали и како може да се преживее нуклеарна експлозија?
Се надеваме дека никогаш повторно не ќе мора да сведочиме на бомбардирање со нуклеарно оружје, но сепак е добро да знаете што може да се преземе во вакви моменти.
Од Центарот за контрола и превенција на болести во САД имаат споделено неколку совети:
Ако сте во близина на експлозијата, свртете го грбот кон неа и покријте си ги очите за да ги заштитите. Препорачливо е да легнете на земјата со лицето свртено надолу и рацете поставени под телото. Останете во таа положба додека да помине топлината, како и двата „шок-бранови“ (shockwaves).
Доколку сте надвор кога ќе се случи експлозијата, веднаш покријте ги носот и устата со шал или каква било ткаенина. Пробајте да ја истресете и прашината од вас (без да ги откривате носот и устата). Брзо најдете засолниште, како подрум, а потоа соблечете ја облеката во случај на неа да има радиоактивен отпад. Пожелно е и да се истуширате со многу вода.
Ако сте во домот, добро затворете ги сите врати и прозорци додека да помине облакот со радиоактивниот отпад.
Во вакво сценарио секако дека ќе има и препораки и совети од властите кои би требало да се почитуваат.
Спирова С. | Црнобело