Како настануваат снегулките и зошто е тивко кога паѓа снег?
Температурата и нивото на влага во облаците се главните фактори кои влијаат врз создавањето на снегулките.
Снегот може да се дефинира како вид врнежи во земјината атмосфера составени од кристален мраз од вода. Снегот е составен од снегулки кои се формираат во облаците и кога се доволно тешки почнуваат да паѓаат на земјата.
Несомнено, снегот е една од најволшебните природни појави и дури и да сте личност која го мрази зимскиот студ, голема е веројатноста да сакате снег.
Но што точно се случува кога паѓа снег и што им ја дава совршено симетричната форма на снегулките?
Во какви услови настануваат снегулките?
Услови за врнежи од снег настануваат кога топлиот влажен воздух од површната на Земјата се искачува до постудените слоеви на атмосферата. Потоа овој топол воздух, кој содржи и водна пареа, формира облак.
Облаците се формираат кога водната пареа се претвора во течна поради кондензација. А, за да настане кондензација потребна е некоја тврда површина или, во овој случај, честичка.
Добар пример за кондензација е замаглувањето на стаклото откако ќе издишете на него – водната пареа од воздухот што го издишувате се „закачува“ на тврдата површина, односно стаклото, и се враќа во течна состојба.
Во повисоките слоеви на атмосферата, честичките вода од пареата од топлиот воздух се „закачуваат“ на тврди честички, како полен или прашина.
Кога снежниот облак ќе се искачи погоре, во постудените слоеви на атмосферата, водната пареа веднаш замрзнува на овие честички и се претвора во кристали.
Истото може да се случи и ако низ облакот помине постуден воздух што ќе ја претвори водната пареа во кристали.
Како настануваат снегулките?
Снежните кристали се формираат во облаците кога нивната температурата е пониска од 0 степени Целзиусови.
Кога кристалите се доволно тешки, почнуваат да паѓаат од облаците и додека паѓаат се судираат едни со други и формираат снегулки.
Снегулката може да биде и само еден ваков кристал, но и да биде составена од 100-тина кристали.
Која е причината за уникатните форми на снегулките?
Начинот на којшто се спојуваат кристалите им дава уникатна форма на снегулките, но скоро сите имаат шест краци или шест страни.
Постојат неколку основни форми на снегулки, како ѕвезди, иглички и снегулки со краци, а овие форми зависат од температурата и влажноста во облакот.
На пример, на температура од -4 до -6 степени се формираат снегулки кои изгледаат како иглички. Снегулките со шест краци, пак, се формираат на температура од -12 до -16 степени Целзиусови.
Но, ова не значи дека сите снегулки од еден облак се исти. Всушност, можноста да настанат две идентични снегулки во еден облак е практично нула. Причината за ова се непостојаните услови во облакот кои се менуваат, како и молекуларната структура на мразот.
Во просек, снегулките имаат дијаметар помал од 1,3cm, но некогаш можат да настанат и снегулки со дијаметар од речиси 5cm.
Каква боја има снегот?
„Чистиот“ снег нам ни изгледа бел, но тој е всушност проѕирен бидејќи, сепак, е составен од кристали мраз.
Белата боја е илузија од начинот на којшто овие проѕирни кристали ја рефлектираат светлината.
Нештата околу нас што имаат боја апсорбираат дел од светлината и ја рефлектираат само делумно. Делот што го рефлектираат всушност е бојата што ја гледаме ние.
Од друга страна, проѕирните кристали ја рефлектираат речиси целата светлина, па ни изгледа како чистиот снегот да има бела боја.
Зошто е тивко кога има снег?
Ништо не се споредува со тишината која владее по врнеж од снег, па веројатно сте се запрашале зошто е толку тивко во вакви временски услови.
Снегот има влијание врз звучните бранови, односно начинот на којшто патуваат.
Откако ќе наврне снег и земјата е покриена со дебел слој, звучните бранови се апсорбираат во него и со тоа стануваат послаби.
Но, кога снегот е постар, може да настане спротивен ефект. Ако снежната покривка делумно се одмрзнала, па повторно замрзнала, снегот станува тврд и помазен. Во овој случај, тој ќе ги рефлектира звучните бранови и може малку да ги засили.
Спирова С. | Црнобело