Зошто проѕевањето е заразно?
Сите знаеме дека проѕевањето е заразно. Речиси невозможно е да гледате во личност, па дури и само фотографија од личност која се проѕева, без и вие да го направите истото. Но сте се запрашале ли која е причината за ова?
Иако, за жал, уште немаме конкретен одговор, според резултатите од некои истражувања, експертите имаат неколку претпоставки.
Зошто се проѕеваме?
Луѓето најчесто се проѕеваат во неколку ситуации, а постојат неколку претпоставки за причината на оваа појава.
Повеќето луѓе се проѕеваат кога се уморни, па се претпоставува дека со ова нашиот мозок се обидува да нè одржи будни. Со проѕевањето се прошируваат белите дробови и се раздвижуваат мускулите на лицето, па ова може колку-толку да ве расони.
Повеќето научници сметаат дека со проѕевањето се регулира температурата на мозокот. Според истражување од 2014-та, со длабокото вдишување за време на проѕевањето температурата на мозокот се намалува. Истото истражување покажало и дека испитаниците се проѕевале поретко во зимските месеци, што донекаде го потврдува тврдењето дека проѕевањето го разладува мозокот.
Многу луѓе се проѕеваат и кога им е здодевно, а се претпоставува дека причината за ова е недостаток од стимулација на мозокот.
И, нормално, скоро сите се проѕеваме ако гледаме во личност која го прави истото. Односно, проѕевањето дефинитивно е заразно.
Зошто проѕевањето е заразно?
За некои луѓе, доволно е да погледнат и само фотографија од личност која се проѕева за и тие да го направат истото.
Нема точно објаснување за оваа појава, а мислењето на експертите е поделено. Некои сметаат дека станува збор за емпатија, а некои веруваат дека ова е неволно, односно потсвесно копирање на туѓите постапки.
Едно истражување покажало дека проѕевањето е заразно поради несвесно имитирање, некогаш нарекувано и ехофеномен. Добар пример за ехофеномен е ехолалија – нарушување кое ја тера личноста неволно да ги повторува зборовите на другите. Според истражувањето, се претпоставува дека сличен механизам го прави проѕевањето заразно.
Уште знаеме многу малку за ехофеноменот и научниците немаат конкретно објаснување зошто и како настанува.
Друго истражување забележало дека проѕевањето е позаразна помеѓу блиски луѓе. Односно, поголема е веројатноста да се „заразите“ од проѕевањето на член од семејството, отколку на странец. Поради ова, некои експерти сметаат дека феноменот е поврзан со емпатијата.
Некои истражувања се обидуваат да ги спојат двете теории, но досега никој не добил многу уверливи резултати.
Проѕевање кај животните
Ако имате мачка или куче, досега сте забележале дека и вашето милениче се проѕева. А, изгледа дека и кај некои животински видови - како мајмуни и кучиња - проѕевањето е исто заразно како и кај луѓето.
И животните, слично како луѓето, се проѕеваат од разни причини како, на пример, здодевност, а не само кога се уморни.
Едно истражување покажало дека проѕевањето на луѓето може да биде заразно за кучињата. Интересно е што кучињата не се проѕевале ако човекот само се преправа дека се проѕева. Односно, на некој начин, тие препознавале дали станува збор за вистинско или лажно проѕевање.
Истовремено, кучињата почесто го имитирале проѕевањето на нивниот сопственик, отколку на странци. Поради ова се верува дека барем кај кучињата проѕевањето е заразно поради емпатија.
И, за крај – колку пати се проѕевнавте додека го читавте текстот?
Спирова С. | Црнобело