Гордост за Македонија: 11-годишната Тамара од Гостивар освои Гран При на фестивал во Русија (видео)
Има само 11 години, а веќе ја освојува светската публика. Тамара Грујевска од Гостивар благодарение на ангелскиот глас и извонредната изведба ја освои Гран При наградата на интернационалниот фестивал „Golden stars rain“ во Русија во конкуренција од 150 учесници.
фото: Дејан Грујевски - татко на Тамара Грујевска
Тамара Грујевска (11) од Гостивар благодарение на ангелскиот глас и извонредната изведба ја освои Гран При наградата на интернационалниот фестивал „Golden stars rain“ во Русија.
Таа на фестивалот се претстави со изведба на песната „I Have Nothing“ на Витни Хјустон и евровизиската „Црно и бело“ на Калиопи, а благодарение на одличната вокална изведба Тамара ја доби највисоката награда Гран При и жирито едногласно ѝ додели највисоки оцени.
Во нејзините изведби се слуша вистинска емоција, а имате чувство дека ве гали додека пее. Едноставно не можете да останете рамнодушни додека ја слушате.
Погледнете ги во продолжение изведбите на Тамара:
Фестивалот „Golden stars rain“ се одржува од 31-ви јануари до 6-ти февруари, а на него учествуваат околу 150 натпреварувачи од целиот свет. Тамара беше единствениот претставник од Македонија.
Таа на сцената беше облечена во креација на македонскиот моден креатор Златко Јовановски.
За CRNOBELO.com, таткото на Тамара, нашиот познат саксофонист, Дејан Грујевски откри повеќе детали за Тамара и за тоа кои се нејзините планови за иднина:
Дејан ни откри дека Тамара се занимава со пеење уште од 5-годишна возраст.
„Уште од мали нозе изрази желба и покажа афинитети кон музиката, се почувствува дека има голем талент и дека вреди да се започне со учество на детски фестивали“ – вели тој.
Нејзини омилени македонски ѕвезди се Андријана Јаневска, Тамара Тодевска, Калиопи, Александра Јанева, Влатко Лозановски и Тоше Проески, а татко ѝ се надева дека Тамара еден ден ќе биде успешна како нив.
Освен што пее, Тамара исто така свири и пијано. Таа е ученичка во музичко училиште „Енвер Стафаи“ во Гостивар, а исто така посетува и приватни часови во музичкото училиште за естрадно пеење на Андријана Јаневска.
„Се надеваме дека најпрвин ќе продолжи во средно музичко и потоа високо образование, отсек соло-пеење. Времето ќе покаже дали тоа ќе биде во Македонија или на некоја позната музичка академија во странство“ – вели Дејан.
„Чувството да се биде родител на толку талентирано дете е навистина прекрасно, јас како родител кој несебично се вложува во своето дете и сака тоа да успее, да постигне најмногу во текот на една музичка кариера, да остави белег, вредни дела, многу песни и спотови од еминентни автори од Македонија и странство.
За мене сето тоа претставува само задоволство и гордост. Се восхитувам на нејзиниот талент, уживам во нејзините настапи од кои може да се види голем квалитет, неверојатен глас, емоции и верувам дека еден ден Тамара ќе биде на највиско ниво на македонската, балканската но и светската музичката сцена“ – вели Дејан.
А колку нејзините родители се посветени на тоа Тамара да го оствари сопствениот сон за успешна музичка кариера може да се види и по големиот број настапи и детски песнички.
Тамара досега учествувала на повеќе детски фестивали во Македонија и снимила повеќе песнички. Прво се претставила на фестивалот „Јаболчиња“ со песната „Пепелашка“, а потоа следувале и повеќе песнички „Прваче“, „Мојот сон“, „Лето“, „Мојата Барбика“, „Татковино“, „Светска ѕвезда“, и учество на најголемиот детски Фестивал во Македонија „Златно Славејче“ со песната „Малечка самовила“.
Во текот на изминатата, 2021-ва година Тамара учествувала на три интернационални натпревари и фестивали каде што освоила највисоки награди, а тоа се Прво место Лауреат прв степен на Фестивалот „Езерски Бисери“ во Струга, Гран при највисока награда на интернационалниот Фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп и Гран при највисока награда на Фестивалот „Шкољкице“ во Нови Сад Србија со песната „Музиката во мене има дом“ од авторите Борче Шабановски и Валентин Соклевски и за оваа песна снимено е и видеозапис со Прокам продукција.
Б. С. Б. | Црнобело