Ивона Јо: „Несебично ви ја подарувам 'Себично' - Нека стигне до секоја душа што пати и боли“
Ивона Јо имаше маестрална изведба на овогодинешниот Макфест, каде што се претстави со песната „Себично“ - песна која од прва ја освои публиката.
Со својот моќен и контролирано емоционален вокал, Ивона успеа да ја истакне секоја нота и збор во песната, пренесувајќи чувство на болка и растревоженост, но и сила и решителност. На сцената таа настапи самоуверено, но и чувствително, внесувајќи ја публиката длабоко во приказната на песната. Настапот ја издвои како една од највпечатливите учеснички на фестивалот, а реакциите од присутните во салата и коментарите по социјалните мрежи само потврдуваат дека за нејзината интерпретација уште долго ќе се зборува.
„Одејќи против себе, се казнуваме и нанесуваме штета на себе. Носејќи го товарот од минатото, чувајќи сѐ во срцето, се казнуваме и повредуваме себе си. И себично не пуштаме да се ослободиме од сопствените стеги. За едно сурово. За едно бесрамно и безмилосно време. За едно време кое зема се од мене. Ќе раздени ли нов ден за мене?
Има ли свет поубав за мене? Повелете парче душа. Нека патува и стигне до секоја душа која пати и боли“ - кажа Ивона.
Нејзиниот настап беше експлозија од емоции, а воедно и ослободување на сета таа тежина што љубовта може да ја носи со себе. Преку секој тон, таа ја покажуваше и сопствената болка, но и својата сила, правејќи ја публиката да се чувствува како дел од нејзината приказна.
Како композитор и аранжер на „Себично“ се потпишува Илија Ќосевски, текстот е на Весна Малинова.
Песната останува како емотивна лекција за секоја душа која минува низ свој личен мрак, но и надеж дека низ музиката можеме да најдеме сила за да тргнеме напред. „Себично” не е само песна, таа е порака, крик и молба – за слобода, љубов и мир во сопственото срце.
Уживајте во „Себично“:
Би можело да ве интересира:





