Мистерии за кои ќе се помачите да го погодите крајот
Доколку ви се допадна книгата како и серијата „Pretty Little Liars“, имаме одлична вест за вас – загатката продолжува во новото издание на истиот автор – Перфекционисти на Сара Шепард.
Ако уживате во книги чијшто крај е тешко предвидлив, ви предлагаме три одлични изданија:
Перфекционисти – Сара Шепард
Од авторот на „Убави, мали лажливки“ ни доаѓа уште една нова книга, а истата е адаптирана и во филмска серија.
Матурантот Нолан Хочкис е едно од оние среќни момчиња – згоден, богат, го живее животот од соништата – и покрај фактот што тој е егоистичен насилник кој ги третира сите околу себе како безвредни нешта.
Згора на сè, никој ништо не му може, никој не се ни обидел да направи нешто околу тоа.
Во училиштето во кое учи Нолан пет девојки имаат многу добри причини да стават крај на неговото тиранско владеење. Тие ќе ги претворат своите хипотетички зборови во дела и ќе ја играат неговата игра, но овојпат тој ќе биде жртвата…
Најмрачното изгрејсонце – Али Мартинез
Шарлот Милс е млада докторка воркохоличарка која веќе десет години се дави во темнината што го консумира нејзиниот живот.
Десет години, од моментот кога нејзиното шестмесечно синче го киднапираат во парк додека таа се обидува да му го спаси животот на туѓо дете.
Шарлот не живее, таа само механички тера ден за ден, работи од утро до мрак, крева раце од секаков приватен живот, не може да поднесе да биде во близина на деца и одбива да се откаже од надежта дека некогаш можеби ќе го пронајде својот син.
Убиства со монограм – Софи Хана
Мирната вечера на Херкул Поаро во едно лондонско кафуле ја прекинува непозната жена што му се доверува дека наскоро ќе биде убиена.
Иако видно уплашена, таа го моли Поаро да не го бара нејзиниот убиец бидејќи со нејзината смрт правдата ќе биде задоволена.
Истата вечер во еден отмен лондонски хотел се убиени тројца гости, а на секого од нив во уста му е оставено по едно копче.
Дали овие убиства се поврзани со преплашената жена? И додека Поаро се труди да го расветли случајот на повидок е четврто убиство.
Во стилот на брилијантната Агата Кристи, Софи Хана нè води низ една ѓаволски замрсена загатка, која не може да ја разреши никој освен ненадминатиот Херкул Поаро.
(О)Милена | Црнобело