Научна фантастика за почетници
Научна фантастика е литературен жанр за кој постојат многу различни мислења. Овој жанр најчесто или не го сакаат или го сакаат премногу. Научна фантастика не е хорор, иако постои посебна подгрупа за овој жанр.
Холивуд е голем љубител на овој жанр, па повеќето од филмовите, снимени под етикетата на научната фантастика, се класични хорор приказни со дејствие во вселената. Наједноставната дефиниција на овој жанр би била следна: Научната фантастика е гранка на книжевноста која се занимава со технологија или изменет општествен систем во една имагинативната иднина, изменета сегашност или во алтернативно минато.
Секое дело на научната фантастика мора да ги поседува и другите карактеристики кои ги поседува секое добро литературно дело. За читање на научна фантастика е потребно и да се има солидно општо образование, бидејќи делата се често полни со симболи и референци на одредени места.
Исак Асимов вели дека секој мит денес може да се претвори во фантастична приказна, ако ги замениме боговите со науката. Во старите приказни од Рамајана и Махабхарата можат да се видат многу научно фантастични елементи, како летечки објекти, разорни, нуклеарни оружја и сл.
Иако денес многумина веруваат дека Жил Верн служел како појдовна точка на овој жанр, во фантастичното дело на Јохан Кеплер, „Сомниум“ од 1634 година, за прв пат се појавува детален опис на нашата планета, односно како би изгледа кога би се гледала од Месечината.
По Кеплер, за некои, најзначајното дело на овој жанр е романот на писателката Мери Шели, „Франкенштајн“ од 1818 година. Во книгата ја следиме приказната на доктор Франкенштајн кој успеал да создаде безимено „чудовиште“, со помош на струја.
Приказната подоцна се испреплетува со хорор, а од истата се инспирираат Х.П. Лавкрафт, Стивен Кинг и други. Прозата на Лавкрафт дури добива и посебно име: „космички хорор“, поради специфичниот пристап кон натприродното.
Најмногу заслуги за експоненцијалниот развој на научната фантастика има Херберт Џорџ Велс, авторот на книгата „Временска машина“. Тој тврдел дека човекот, бидејќи е битие од минатото, може да ја истражува иднината само преку научен метод.
Писателите кои, како Велс, во почетокот на 20-от век го отвориле патот за научната фантастика биле Урсула Ле Гвин и Алдус Хаксли.
Во светот на филмската уметност научната фантастика е присутна од самиот почеток на филмот. Филмот „Arrival of the train“, од браќата на Лумиер (1896 година), го претставува почетокот на филмската уметност, додека филмот „Le voyage dans la lune“ (од 1902 година) е првиот научно-фантастичен филм.
Делата на научната фантастика имаат две основни категории: тврда и мека научна фантастика.
Тврда научна фантастика подразбира природни науки како биологија, хемија, физика, и сите други науки кои се занимаваат со теорија и нејзината примена на природни и технолошки откритија.
Целта на тврдата научна фантастика е да создаде светови кои се научно реални и оправдани. Проблематиката, што ја развива во наративот, се базира на науката, и нејзиното решение е во науката.
Мека научна фантастика се фокусира на општествените науки, како што се историјата, антропологијата, политиката, економијата, психологијата. Авторите сакаат да пишуваат за општествените односи и нивната механизација.
Научната фантастика, како жанр во уметноста, обезбедува можни визии и исходи за иднината. Дали оваа имагинативна иднина ќе биде светла или темна? Само од нас зависи. До тогаш, инспирирајте се од делата на Артур Кларк, Исак Асимов, Станислав Лем, Карл Саган, Реј Бредбери, Френк Херберт и Урсула ле Гвин.
Ашера | Црнобело