Книги што се читаат за 60 минути, меѓу кои и македонски психолошки роман
Имате желба да прочитате нешто добро и квалитетно, но немате премногу слободно време? Без грижа, за овие книги ќе ви бидат потребни 60-тина минути или нешто над 1 час слободно време.
Но, имајте предвид дека треба да читате брзо и секако, да не бидете вознемирувани во текот на читањето, посветувајќи им целосно внимание на книгите пред вас:
Некој бил тука – Николина Андова Шопова
Романот – првенче на македонската поетеса Николина А. Шопова импресионира со нарацијата, структурата и приказната. Ликот кој раскажува во прво лице е средовечен човек кој се соочил со најтешката загуба во животот, загубата на сопственото дете.
Во сета тага и депресија, безизлезноста и неверството, тој пронаоѓа мир и утеха во еден сосема туѓ, физички простор. Полека, раскажувачот се опседнува со просторот кој го доведува до безумие, страст и лудило.
Мистериозниот странец – Марк Твен
Ова е последната новела напишана од Марк Твен и објавена постхумно, за прв пат во 1916 година.
Низ неа провејува филозофска нишка, со строг коментар и осуда кон социјално-општествениот поредок. Чувствата на етика и морал се заматуваат, особено кога станува збор за проколнатата човечка раса.
Ова дело е провокативно, буди размислувања и е одличен извор за дискусии кои се однесуваат на душата, задгробниот живот и човековата реалност.
Мислејќи архитектура – Петер Цумтор
Цумтор е швајцарски архитект, перфекционист во својата област и работата. Проектирал градби кои се бројат на прсти, но неговите зданија се исклучителни, суптилни и едноставни, а истовремено неверојатно раскошни.
Меѓу нив се термалните бањи во хотел Валс во Швајцарија, Музејот на уметностите во Берхенц, Австрија, музејот Колумба во Келн.
Неговото дело „Мислејќи архитектура“ е неизоставен прирачник не само за студентите на артхитектонски факултет, туку и за сите вљубеници во оваа област, убавината и формата.
(О)Милена | Црнобело