За болката, војните и страдањата преку делата на нобеловката Светлана Алексиевич
Светлана Александровна Алексиевич е истражувачки новинар од Белорусија, есеист, писател и историчар. Во 2015 година таа ја доби Нобеловата награда за литература за своето безвременско дело „Чернобилска молитва“.
За нејзе критичарите би кажале дека толку маестрално ги опишува Втората светска војна и нуклеарната катастрофа во Припијат, што читателот има чувство дека целиот тој ужас на некој начин со себе носи и некаква убавина.
Родена е во Украина, нејзиниот татко е од Белорусија, а мајка ѝ од Украина. Нејзиниот стил на пишување е наречен „роман од гласови“, со кој таа создава целосно нов литературен жанр, документаристичка проза.
Нејзините дела се преведуваат на повеќе од 30 јазици, а во Македонија ја имаме среќата да ја запознаеме преку „Чернобилска молитва“ и „Војната нема женско лице“.
Чернобилска молитва
Иако насловот би нè натерал да помислиме дека се работи за роман посветен на големата нуклеарна катастрофа, всушност опфатени се последиците од нејзе. Приказната за првпат е раскажана од страна на оние кои најмногу молчеле - жителите на Белорусија од погодените подрачја.
Приказните се вистински и се раскажани од луѓе кои Алексиевич ги интервјуирала. Никој од нив не ја гледал радијацијата, па затоа и не можеле да разберат како нешто невидливо, нешто што нема ниту мирис, ниту вкус, што полека и тивко ги убива.
Токму таа невидливост била причина многу луѓе да останат да живеат во погодените подрачја, во една сурова реалност која им одземала сè што имаат, а тие не можеле да ја разберат.
Војната нема женско лице
Со ова дело, Алексиевич опфаќа еден дел од Втората светска војна за кој премалку се зборува. Се работи за жените припаднички на Црвената армија, чии заслуги се заборавени од историјата. Нив ги имало во многу улоги: снајперистки, болничарки, возачи на тенкови...
За првпат пред авторката, преживеаните жени решаваат да раскажат за она што е заборавено, за сексуалните насилства врз нив, за проблемите со кои се соочувале, за стравовите и за тоа како војната ги променила.
„Војната нема женско лице“ првпат е објавена во 1985 година, а во 2002 е проширена со повеќе факти и материјали кои претходно биле или класифицирани, цензурирани или етикетирани како премногу провокативни за објавување.
Е. Д. | Црнобело