Роман за потрагата по дом и себеси: „Годините кога научив да летам“
Младиот Михаил со немирен дух повеќе не се пронаоѓа во родниот град зафатен од токсичните стихии на загадувањето, економијата, политиката, безидејноста.
На дваесет и пет години, преиспитувајќи се себеси и своите корени, решава да си го бара домот под отворени неба. Напушта сè и тргнува на автостоперска авантура што неповратно му го менува животот. Во eден притаен натуралистички камп ја запознава глувонемата Алма Свенсон.
На последниот ден што го поминуваат заедно, девојката исчезнува, како никогаш да не постоела, фрлајќи го Михаил во очај. Нејзината единствена трага, и нему единствената надеж да ја најде, е едно „книжуле“ со неколку скинати страници, со размисли за некаков утопистички остров.
Талкајќи по недобројните патишта на Европа, Михаил го следи внатрешниот патоказ до непознатиот остров и душевниот мир што му го ветува, иако не знае дали воопшто постои.
Во срцевината на оваа авантура-мистерија лежи една човечка филозофија за сопствената потрага по дом, по смисла, по сродна душа.
Инспирирана од личните автостоперски патувања на авторот, Годините кога научив да летам ќе ве нурне во номадскиот свет на талкачите и трагачите, и водејќи ве по себеспознавачки координати, ќе ве потсети колку е важно да си го следиме внатрешниот глас.
Евгениј Хоуп е раскажувачкиот глас на Милош Димковски, кој е роден на 7 октомври 1991 година, во Куманово, Македонија. Има завршено Филолошки факултет во Скопје, отсек Општа и компаративна книжевност.
Бил дописник во Kултурната и Забавната редакција на Утрински весник. Во изминатите години има поминато над 30.000 автостопкилометри и романот Годините кога научив да летам е симболично преточување на спознаеното искуство.
Неговата авантуристичка природа му овозможува често да патува низ светот. Автор е и на романот Парада на марионетките (2011).
Книгата може да ја најдете во ТРИ Книжарниците.