Како изгледаат фиктивните светови за кои имаме слушнато?
Книжевноста и човековата имагинација е толку моќна што недофатливите нешта може да ги сведе до опипливо ниво. Колку и да негираме, мора да признаеме дека постојат други димензии во универзумот, но и онакви кои на почетокот биле родени како идеја за да на крај добијат постоечки карактер.
Верувам дека секој од нас, ако ништо друго, барем има слушнато за една од следниве фиктивни светови, кои барем за мене, а верувам дека и за многу други луѓе, постојат некаде, чекајќи ги љубопитните авантуристи да допатуваат до нив.
Средна земја
Немој да речете дека никогаш немате слушнато за Средна земја. Тоа би било големо разочарување, зошто веднаш треба да оставите сé настрана и да го прочитате Хобитот и Господарот на прстените од Толкин, а потоа да ги изгледате и филмовите.
За време на својот творечки процес, Толкин со текот на годините ги скицирал световите кои самиот ги измислил. Самовили, џуџиња, оркови, тролови и секако, луѓето се само дел од оваа бујна фантазија, која треба да се прочита за да може да се доживее.
Нарнија
Барем еднаш сигурно се имате сретнато со некоја од седумте книги од серијалот Авантури од Нарнија. К.С. Луис во својот имагинативен свет, кој денеска е толку познат, што речиси многу луѓе го доживуваат како реален.
Лавот, вештерката и орманот е најпознатото дело од серијалот. Овој мултидимензионален свет, чија месечина е поголема од онаа на Земја, а сонцето е пламен диск кој еднаш дневно се врти околу планетата, претставува дом на секакви митолошки суштества: кентаури, змееви, фауни, минотаури, еднорози и уште многу други.
Оз
Л.Френк Баум во 1900 година ја издавал книгата Волшебникот од Оз. Приказна која зборува за девојчето Дороти и нејзиното авантуристичко патување до Оз, во потрага по волшебникот кој може да ѝ помогне да се врати дома.
Навистина интересна и емотивна приказна, која може да допре до сите и да нè внесе во еден шарен свет со интересни предели и ликови како страшилото, лимениот дрвосечач и лавот.
Недојдија
За ова можам да тврдам дека не постои човек на планетата земја кој барем еднаш нема слушнато за Петар Пан - палавото момче кое одбива да порасне и може да лета.
Недојдија е токму тој меѓупростор каде годините не постојат, а живеат сирени, Индијанци и пирати, како и група на изгубени момчиња кои сакаат вечно да останат млади. Но, дали може да го постигнеме тоа? Секако дека да, нашите срца го кријат одговорот.
Автор: Е. Х. | Црнобело