Интервју со Коста Петров: Никој не рече дека ќе биде лесно

Коста Петров, еден од најпродаваните современи македонски автори, оваа среда, на 14-ти декември, во 19 часот во Дистрикт Барот на Скопје Мериот Хотел ќе ја промовира својата четврта книга, насловена, „Никој не рече дека ќе биде лесно“.

kosta-petrov-novata-kniga-nikoj-ne-rece-deka-ke-bide-lesno-e-kniga-za-najvaznoto-patuvanje-vo-zivotot-1.jpg

И оваа книга го следи веќе препознатливиот тон и стил на изразување на авторот, со активациска, освестувачка и мотивациска реторика, најчесто инспирирана од сопственото искуство.

Непосредно пред промоцијата, разговаравме со Коста за неговата нова книга, десетото издание на првенчето „Се гледаме на врвот“, но и предизвиците со кои секојдневно се соочува како директор на Пи Ворлд.

Поминаа речиси пет години од издавањето на твојата прва книга „Се гледаме на врвот“. Каков е Коста денес, во споредба со Коста од пред пет години?

„Се гледаме на врвот“ ја промовиравме на 31-ви јануари 2012-та година. Искрено, никој не очекуваше дека книгата ќе се продаде во повеќе од 10,000 примероци за толку мал период и навистина сум горд на овој успех. Кога повторно би седнал да ја напишам, книгата дефинитивно би била поинаква, но тоа е сосема нормално. Секојдневно се менувам, секојдневно учам нови лекции, искачувам нови врвови но и паѓам, и сето ова е дел од мене, од мојот живот. Овој Коста денес сè уште апсолутно верува во себе, но и секојдневно работи на себе. Ги прифаќам и позитивните и негативните работи во животот и секојдневно се трудам да ја креирам сопствената најдобра верзија. Некогаш тоа не е лесно, но никој не рече дека ќе биде лесно.

kosta-petrov-novata-kniga-nikoj-ne-rece-deka-ke-bide-lesno-e-kniga-za-najvaznoto-patuvanje-vo-zivotot-3.jpg

Никој не рече дека ќе биде лесно е токму насловот и на твојата нова книга. Што те мотивира да ја напишеш книгата?

„Никој не рече дека ќе биде лесно“ е книга за најважното патување во нашите животи. Патување што секој од нас, бар еднаш треба да го направи за навистина да започне да го живее животот. Не беше лесно да ја напишам оваа книга бидејќи од самата насловна може да се примети за кого е напишана. Ја пишував речиси една година. Неколку пати ја напишав а потоа ја бришев и конечно пред две недели ја ставив последната точка. Книгата е на еден начин затворање на кругот што го започнав со „Се гледаме на врвот“, а го продолжив со „Стравот и Нашето последно кафе“. Ова е пред сè книга за животот. Таков каков што е. Исполнет со многу радост, но и многу тага, многу предизвици, но и многу успеси, многу врвови, но по малку и кал. И не е лесно да се успее во ваков свет, но не значи и дека е невозможно.

Во книгата се вели дека има три фази во животот? Кои се тие, како треба да ги менаџираме нашите фази во животот?

Токму така. Првата фаза е фазата на преживување односно моментот кога не превземаме одговорност за тоа што ни се случува и сме обични жртви, но на сопствените глупости. Втората фаза е фазата кога полека се креваме, почнуваме да веруваме во себе, не се откажуваме и веруваме дека универзумот има совршен план за секој од нас. Третата фаза сметам дека е најважната. Тоа е фазата кога веруваш во себе и тогаш кога светот е против тебе. Веруваш во себе и тогаш кога работите не излегуваат така како што си посакувал и тогаш кога не ти се станува наутро од кревет. Се учиш да уживаш во сите аспекти на животот. Се учиш да живееш. А тоа е најважното нешто во животот бидејќи најчесто ние преживуваме наместо да живееме.

Ви се случило да го мразите животот, да не сакате да станете наутро од кревет и да немате волја?

Изминатава година тоа ми се случуваше многу често. Како сопственик на компанија која работи на 30 пазари за првпат во мојот живот почувствував колку суров може да биде светот. Терористичи напади, војната во Сирија, државни удари, пад на цена на нафта, Брегзит па дури и последните избори во Америка, сите овие работи имаа ефект врз нашата работа. Имаше моменти кога ми беше страв да погледнам во мојот телефон бидејќи се плашев дека повторно се случила некоја катастрофа. И токму во овие моменти научив дека залудно е да се нервираш за работи кои што не се твоја контрола. Научив дека единствената контрола што ја имаме врз животот е врз нашата реакција. Ако се научиме да реагираме проактивно и ја пронајдеме лекцијата во секоја негативна ситуација, тогаш успехот е наш. Но ако се однесуваме како жртви тогаш тоа и ќе бидеме но пак ќе кажам, на сопствените глупости и сомнежи а не бидејќи некој сака да ни наштети. 

kosta-petrov-novata-kniga-nikoj-ne-rece-deka-ke-bide-lesno-e-kniga-za-najvaznoto-patuvanje-vo-zivotot-2.jpg

Кога си среќен, некои велат не се секирај ќе ти помине... Колку позитивните луѓе се важни да бидат околу вас се со цел да се остварат одредени цели?

Чекор по чекор и ова ќе помине - ова е фразата што ја повторувам секогаш кога ќе наидам на предизвик. Мора да сфатиме дека кога предизвикот тропнува на нашата врата, ние најчесто толку многу сме фокусирани на него што всушност не ја гледаме ситуацијата таква каква што навистина е. На крајот од денот секој хаос има рок на траење. Доволно е само да погледнете наназад во вашите животи и да видите што сè сте надминале. Зошто да не го надминете и овој проблем што сега го имате? Зошто и овој пат да не бидете победник? Ова е многу полесно кога ги имате вистинските луѓе околу себе, но на крајот од денот мора да сфатите дека некои битки ќе мора сами да ги извојувате. И тоа нема да биде лесно но верувајте, тоа ќе биде најдоброто нешто што сте го направиле самите за себе.

 За крај што би им препорачале на вашите читатели?

Во најтемните времиња знае да биде многу тешко и само да станеш од кревет наутро. Сепак, за да одиме нанапред, најважно е да продолжиме да чекориме.

Чекор по чекор, и ова ќе помине.

И се разбира, се гледаме во среда во 19 часот во Дистрикт барот на хотелот Мериот.

Би можело да ве интересира:

3 романи за роматични души што ќе ве разнежнат пред Валентајн Во пресрет на Денот на вљубените, зошто да не прочитате еден, или можеби сите тр...
3 книги што ќе ви донесат духовно богатство (и мирен ум) Читате ли книги за самопомош и просветлување? Сакате ли да ги следите светските ...
3 интригантни романи од Ксенија Николова во кои ќе уживаат и жените и мажите Нашата писателка Ксенија Николова неодамна го промовираше своето седмо дело, ром...
3 книги што не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита (додека е тинејџерка) Кои 3 книги воопшто немаат наивна содржина и не би сакал да ги видам во мојот до...
4 книжевни предлози од македонските инстаграмџики Нашите инстаграмџики често знаат да се пофалат дека читаат одредени книги. Кои с...
Што читаа познатите Македонки на плажа во лето 2024? Што читаа познатите Македонки на плажа ова лето? Кои се нивните книжевни препора...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg