Подновете си ја библиотеката: Најдобрите наслови кои ќе ги најдете на Саемот на книгата
28-от Саем на книгата традиционално ќе ги обедини сите вљубеници во убавите зборови и книгите, кои ќе имаат можност цела седмица непречено да уживаат во попустите на постари, но и многубројни нови изданија кои ќе ги понуди македонското издаваштво на штандовите.
Над 15-тина македонски издавачки куќи ќе земат учество на настанот, кој ќе се одржи од 12-18 април на Скопскиот саем.
Ова е одлична можност за дружба и збогатување/освежување на домашните библиотеки со мирисот на нови книги.
Кои се фаворитите на дел од издавачките куќи и колку ќе изнесува попустот на нивните изданија?
Три
Како и секоја година досега, така и оваа, Издавачкиот центар ТРИ ќе биде дел од традиционалниот Саем на книга. По тој повод за нашите редовни читатели и посетители подготвивме голем број на преводи на примамливи и маркантни наслови од веќе докажани странски автори како „Чиракот на архитектот“ од Елиф Шафак, „Крал, дама, џандар“ од Набоков, „Нашата санта мраз се топи“ од Џон Котер, „Црна и сребрена“ од Паоло Џордано, „Сакајте се себе до совршено здравје“ на Лујза Хеј и други.
За вторник 12-ти април е закажана промоцијата и на новата книга на Игор Џамбазов „Умрен човек“. Ќе бидат промовирани и новите книги „Исповеди на еден психотичен ум“ од Владимир Ристевски и „Враќањето на козите“ на академик Луан Старова. Во рамки на саемските денови веќе се закажани и средби со нашите најчитани автори Марија Јаневска, Коста Петров и Винка Саздова. Како новитет за сите трагачи по нова доза на креативност ќе ја претставиме и новата боенка за возрасни од македонската илустраторка Ивана Горичан.
Сите изданија на Издавачкиот центар ТРИ и на Паблишер ќе бидат достапни со саемски попуст и до 70 %. За времетраењето на Саемот на книгата, саемскиот попуст ќе важи и во нашите книжарници во ГТЦ и во Дебар маало.
Арс Ламина
Арс Ламина и оваа година на саемот ќе се претстави со многу нови и атрактивни наслови, а меѓу нив се следните бестселери: „Црвената кралица“ од Викторија Авејард (прв дел од трилогијата Црвената кралица; Goodreads награда) „Сите светли точки“ од Џенифер Нивен (Њујорк Тајмс бестселер; Goodreads награда) „Сета светлина што не можеме да ја видиме“ од Ентони Дор (добитник на Пулицерова награда) „Исповеди“ од Колин Хувер (Њујорк Тајмс бестселер, Goodreads награда) „Бриџит Џонс“ – трилогија од Хелен Филдинг: „Дневникот на Бриџит Џонс“, „На работ на разумот“, „Луда по него“ (наскоро филм според последниот дел) „Реквием“ од Лорен Оливер, последната книга од трилогијата „Делириум“ (1. Делириум и 2. Пандемониум) – (Њујорк Тајмс бестселер автор; новите Hunger games).
Од современи класици: „Нултиот број“ од Умберто Еко „Љубов во време на колера“,„Хроника на една најавена смрт“, „На полковникот нема кој да му пишува“ и „Есента на патријархот“ од Габриел Гарсија Маркес, „Оди постави стражар“ од Харпер Ли и уште многу други.
На штандот на Арс Ламина изданијата ќе бидат достапни и со попуст од 70%, а во нивна организација се следните настани: Трибина на тема „Авторски права: состојби и предизици во Р. Македонија“, вторник 12.04. од 11.00-13.00, промоција на „Лексикон по физика“ од д-р Виктор Урумов, четврток 14.04. од 13.00-14.00 и многу креативни работилници за деца и математички игри – секој ден.
И оваа година Арс Ламина доделуваат 100 книги за посетителите на нивниот штанд.
Култура
Светски бестселери како „Најсреќната девојка на светот", „Вдовицата", „Егзибиционистот" и „Ученикот на ренџерот" ќе ги пронајдете на штандот на Култура, како и најпродаваните интернационални автори Дијана Чејмберлен, Ли Чајлд, Ема Чејс и Ејлин Гоуџ.
Домашни етаблирани автори како Милијана Павловска, Сашо Димоски и Санта Аргирова, како и неколку нови писатели како Анде Јанков и Методија Диневски.
Овие и уште десетина други нови наслови, како и тековните наслови по ексклузивни саемски цени, најдете ги на нашиот штанд, велат од Култура.
Или Или
Од издавачката куќа Или Или попустот е од 10-70%, а најголемо внимание очекуваме да предизвикаат Романот на годината на Утрински весник „Телото во кое треба да се живее“ од Петар Андоновски, најновиот роман на Бернхард Шлинк „ Жената на скалите“ како и „ Физика на тагата“, роман со кој бугарскиот писател Георги Господинов постигнa голем интернационален успех, и секако, Лидија Димковска со долгоочекуваната поетска објава „Црно на бело“.
Табернакул
Од издавачката куќа чиј слоган гласи: „Да читаш е кул, читај Табернакул“, нѐ информираа дека попустот е различен за секој наслов, односно нема линеарен процентуален попуст. На поскапите изданија попустот е поголем. Препорака до читателите: „Собрани драми (книга 2)“ од Венко Андоновски, најновата поетска збирка на Јовица Ивановски „Морето ми е до колена“, првата книга за мода во Македонија „Моите стории, мојот живот“ од Сани Јаначкоска-Богдановска.
Бегемот
На овогодинешниот Саем на книгата Бегемот ќе се претстави со најголем избор на квалитетна литература и најголеми попусти досега. Попустите ќе се движат помеѓу 40 и 75%, а воедно, за првпат годинава, ја започнуваме акцијата НА ТАПЕТ #1, акција во чии рамки ќе се најдат 19 врвни дела по цена од 100 денари! Од она што би сакале да го нагласиме како предлог и како многу важен момент општо за македонската читателска публика е објавувањето на книгите „Универзална историја на нечесноста“, „Сеќавањето на Шекспир“ и „Фикции“ од генијалниот Хорхе Луис Борхес, со што го заокружуваме циклусот од 6 збирки раскази, заедно со ланските изданија на „Алеф“, „Книга од песок“ и „Извештајот на Броди“. Исто така, би го одвоиле и изданието на книгата „Приказната на робинката“ од Маргарет Атвуд - едно од највлијателните дела во светската литература во XX век, како и книгата „Бегалка“ од Алис Манро, чиј превод ја доби наградата Златно перо 2015 за најдобар превод.
Сакам книги
Попустите ќе се движат од 10% до 15% промотивно за најновите наслови што ќе бидат претставени на саемот, a до 50% на постари изданија. Најпродавани очекуваме да бидат двете продолженија на книгата „На улица Даблин“, „По улица Лондон“ и „Пред улица Јамајка“, како и трилерите „Терапија“ и „Никогаш не се знае“; додека наши лични препораки за најдобри книги во поглед на квалитет и приказна се „Збогум најмила“ и „Славејот“ од Кристин Хана, како и „Мали црни лаги“ и „Кралство од соништата“.
Антолог
„Антолог“ на годинашниот Саем на книгата им нуди 100 нови наслови на своите читатели, со попусти од 10 до 70 проценти.
Особено ги препорачуваме книгите: „Бавната смрт на Лусијана Б.“„Трач“„Ножот на Аврам“„Изумот на Морел“, „Како да заборавиш жена“ и уште многу други квалитетни прозни и поетски изданија.
Топер
Најновиот роман на миленичката на читачката публика Софи Кинсела „Потрага по Одри“, потоа „Домот за необични деца на госпоѓица Перегрин“ од Ренсом Ригс оцената како книга за сите генерации која го освои светот, како и неприкосновената кралица на љубовните романи Кејти Форд со „Рецепт за љубов“ и „Лето на љубовта“, да не ја заборавиме книгата наменета за секој кој се соочува со брзото стресно темпо на секојдневието „Заборавете ги глупостите и чувствувајте се прекрасно“ од Аилса Франк, и уште многу други прекрасни изданија ве очекуваат на штандот на Топер, издавачката куќа која ја запозна македонската публика со еден од најпродаваните француски автори Гијом Мисо.
Во издание на Топер е и дел од популарниот серијал „Игра на тронови“ од Џорџ Р.Р. Мартин на македонски јазик, фантастичниот роман „Девојката од возот“ од Пола Хокинс, првиот српски хорор роман за деца и возрасни „Петтиот волк“ од Урош Петровиќ...
За сите фанови на Мица – 6 нови Мица книгички, Топер енциклопедии, нови пикси сликовници, Прасето Пепа и уште многу други изненадувања ве очекуваат на штандот на Топер.
(О)Милена | Црнобело