3 емотивни биографии на Македонци - за табу темите и борбата за живот
Ова се три емотивни книги на млади Македонци, кои се соочиле со најтешката борба за животот. Три емотивни книги во кои ќе имате можност да ги проследите нивните приказни, но и битката за да се најде светлината на излезот на тунелот.
Јасно е дека ракот е болест која за жал во последните неколку децении сѐ почесто погодува млади луѓе, а овие тројца Македонци своите приказни ги ставија на хартија со цел да ги охрабрат луѓето кои се соочуваат со слична борба во животот.
Овој викенд издвојуваме три емотивни и инспиративни биографии на Македонци, кои вреди да ги прочитате.
„Безсловен“ – Кирил Ангелов
Емотивна книга која ја опфаќа животната приказна на авторот, кој раскажува за сексуалното и менталното злоупотребување во детството и младоста, борбата со ракот и преживувањето, но и соочувањето со траумите.
Искрено четиво, со кое авторот се обидува да се исцели себеси, но и да им помогне на сите оние кои го преживеале истото и сѐ уште се борат со траумите, но не зборуваат отворено за тоа.
„Безсловен“ е книга за борбите за кои вреди да се живее, која ја поттикнува и ја поткрева свеста за голем број теми, што сѐ уште во голема мера се табу тема во нашето општество.
„Живот“ – Кристијан Станковски – Бомбакис
Дечкото со картоните, кого повеќемина го знаат како Бомбакис, исто така објави своја биографија во која отворено зборуваше за борбата со ракот на тестиси.
Книгата ја опишува неговата борба, а целта на авторот е да им порача на останатите дека треба повеќе да си го ценат животот, да се ценат и да се почитуваат самите себе, но и најблиските.
„Пресек“ – Маја Трајковиќ
Во оваа книга, скопјанката Маја Трајковиќ зборува за нејзината борба со ракот на дојката.
Во оваа книга креативната слобода се сфаќа како лек за мислите и можност за враќање на здравјето. Тоа е книга за будење на женственоста, но онаа која е спитомена, себепочитувана, понизна, спокојна.
Напишана во периодот додека авторката се соочувала со најтешката борба, оваа книга е сведоштво за човештвото, за борбата што сите на некој начин ја водиме, прво самите со себе, а потоа и со животот.
Б. С. Б. | Црнобело