3 одлични крими трилери што ќе ги прочитате во еден здив
Потрага по 5-годишно момче што одеднаш исчезнува од градинката во Стокхолм, мистериозно убиство, но и девојки кои се жртва на неврохирург кој си поигрува со нивните умови со помош на хипноза. Кои 3 приказни ви ги предлагаме овој пат?
Ви нудиме предлог за 3 одлични крими трилери кои нема да ви дадат мир додека не ги прочитате, а до последната страница ќе бидете во неизвесност и нетрпеливо ќе ја очекувате разврската.
„Култ“ – Камила Лакберг и Хенрик Фиксеус
Роман кој е плод на соработката на најпознатата шведска крими писателка Камила Лакберг и на шведскиот менталист, писател и ТВ водител Хенрик Фексеус. Станува збор за второ продолжение на серијалот за полицајката Мина Дабири и Винсент Волдер, а ќе ве држи залепени за столчето сѐ додека не го прочитате до крај.
Кога мало момче ќе исчезне од градинката во Стокхолм, полициската инспекторка Мина Дабири и нејзините колеги повторно имаат тешка задача да откријат што се случува и да го пронајдат детето.
Првите докази укажуваат на тоа дека постојат голем број сличности со претходни киднапирања кои не завршиле добро и свесни се дека се соочуваат со опасна ситуација.
Кога ќе почнат да исчезнуваат уште деца, таа повторно стапува во контакт со менталистот Винсент Волдер, кој воедно ѝ е и стар пријател .
Нивниот однос е посебен. Ѕидот што ги дели почнува да пука кога повторно ќе се сретнат, а читателот сѐ до последен момент е оставен во исчекување и во неизвесност за да дознае дали приказната сепак ќе има среќен крај.
„Сѐ што правиме во мракот“ – Џенифер Хилиер
Роман што беше номиниран за најдобар трилер за 2022-ра година од читателите низ целиот свет кои се поврзани на платформата „Goodreads“.
Ја следи приказната на Парис Пералта која е уапсена за убиството на нејзиниот славен сопруг. Полицијата ја затекнува во нејзиниот тоалет облеана со крв и со сечило, со мртвиот сопруг во заднина...
Но, главната грижа на Парис не е убиството на нејзиниот сопруг, туку стравот додека медиумите ја следат да не излезе на виделина нејзината тајна што таа со години ја крие.
„Хипнотизерот“ – Ричард Роналд
Хипнотизерот е неврохирург кој со помош на хипноза им го пере умот на група девојки. Тој ги користи девојките за своите експерименти, а потоа девојките немаат контрола на своите умови. Ги губат сеќавањата и стравовите.
Татјана е една од неговите жртви, која ќе падне во неговата замка.
Заплетот се случува кога тројца момчиња случајно ќе ги најдат девојките и ќе ги откријат во магацинот, а ќе сфатат дека Татјана не е како другите „заробенички“ во магацинот.
Б. С. Б. | Црнобело