Што мислат познатите личности за филмовите направени според нивните животи?
Додека Џулијан Асанж отворено го критикуваше The Fifth Estate, Стивен Хокинг заплакал кога го изгледал The Theory of Everything.
Неизбежно е за скоро секоја влијателна личност да се направи филм. Без разлика дали оваа личност направила добро или лошо, штом станува збор за нешто големо, кога-тогаш можеме да очекуваме филм.
Додека ние можеме да дебатираме само за тоа дали филмот е добар или лош, овие луѓе ги гледаат од сосема поинаква перспектива бидејќи, сепак, станува збор за нивните животни приказни.
Тие најдобро знаат кои детали од филмовите се вистина, а кои лага, и дали се претставени како личноста којашто се.
Па, што мислат познатите личности за филмовите инспирирани од нивните животи:
Марк Закерберг – The Social Network
На Марк не му се допаднал филмот бидејќи кога почнал да го прави Фејсбук, тој веќе бил во врска со неговата сегашна сопруга Присила. Во филмот, Марк прво ја прави социјалната мрежа како алатка за рангирање девојки од неговиот факултет. Тој вели и дека во филмот имало многу лажни детали.
„Мислам дека во реалноста пишувањето код и градењето компанија не е доволно гламурозно за да се направи филм од тоа, па можете само да замислите колку работи си имаат измислено за да го направат филмот интересен“, изјави милијардерот.
Стивен Хокинг – The Theory of Everything
На познатиот физичар навистина му се допаднал филмот инспириран од неговиот живот. Според актерот што го глумеше Стивен, на физичарот не само што му се допаднал филмот, туку на крај и заплакал.
Имено, тој го опишал филмот како „многу реален“, а испратил и мејл до филмската екипа за да им го каже тоа.
„Ни напиша мејл и ни кажа дека во некои мигови мислел дека се гледа самиот себеси“, изјави режисерот Џејмс Марш.
Џордан Белфорт – The Wolf of Wall Street
Познатиот брокер бил воодушевен од изведбата на Леонардо Дикаприо и вели дека речиси сите детали од неговиот живот се одлично прикажани во филмот.
„Останав без зборови од Лео. Од начинот на којшто ја доловуваше мојата енергија, особено кога продаваше нешто или држеше говор. Тој не го имитираше мојот глас, туку моите манири и гестикулации“.
Џулијан Асанж – The Fifth Estate
Наводно, Асанж многу се противел на идејата да се направи филм инспириран од неговата приказна. Кога сепак не го послушале, решил да му напише писмо на Бенедикт Камбербач – актерот кој го глуми него во The Fifth Estate.
„Верувам дека ти си добра личност, но не верувам дека овој филм е добар. Не верувам дека ќе биде позитивен за мене или за луѓето за коишто се грижам“.
На Асанж толку не му се допаѓала идејата, што преку WikiLeaks го објави сценариото, заедно со есеј во којшто го критикува филмот. Според есејот, филмот е полн со невистинити факти и е опишан како „многу лош“.
https://www.youtube.com/watch?v=ZT1wb8_tcYU
Моли Блум – Molly’s Game
Одличниот филм што ја раскажува приказната за таканаречената „Кралица на покерот“ ѝ се допаднал и на самата Моли.
Во интервју, Моли ја опиша изведбата на Џесика Честејн како брилијантна.
„Јас сум огромен фан на филмот. Навистина е многу добар“.
Британското кралско семејство – The Crown
Не е познато колку членови од семејството ја изгледале хит-серијата, но изгледа не се воопшто среќни за начинот на којшто се прикажани во неа.
Наводно, според некои од нив голем дел од настаните во серијата се измислени и ги прикажуваат во многу лошо светло. Истовремено, портпаролите на кралското семејство неколкупати нагласуваат дека никој од семејството не дал дозвола да се снима таа серија и никогаш не биле прашани за тоа.
Сепак, креаторите на серијата и самите истакнуваат дека дел од настаните се измислени.
Принцот Хари, пак, во интервју со Џејмс Корден изјави:
„Многу повеќе сакам да ја гледам The Crown отколку да ги читам приказните што се пишуваат за моето семејство, мојата сопруга и мене“.
Елтон Џон – Rocketman
Елтон Џон самиот соработуваше со филмската екипа, па не е ни чудно што бил воодушевен од крајниот резултат. Имено, најмногу му се допаѓало што филмот брутално искрено ги прикажува неговите проблеми со зависностите и сексуалноста.
„Кога го гледав Тарон (актерот што го глуми него) не гледав во него – гледав во мене. А кога го слушав неговиот глас, како да се слушав себеси. Филмот е токму како мојот живот: хаотичен, смешен, луд, брилијантен и мрачен“.
Спирова С. | Црнобело